Некогашната заедничка држава СФРЈ, беше домаќин на Зимските оимписки игри (ЗОИ) во Сараево пред точно 38 години. Овој град уште во фаза на својата кандидатура, се претставил со одлични графички решенија. Историскиот архив во Сараево на социјалните мрежи објавил фотографија, односно плакат од кандидатурата во 1979 година. Постерот со кој се промовираат 14-тите Зимски олимписки игри, е осмислен од страна на еден од најзначајните графички дизајнери на светот Милтон Гласер. Тој дизајнирал две решенија. Мотивот на едното решение бил антички столб, а на другото скијач. Двете решенија се наоѓаат во збирката на Меѓународниот олимписки комитет и збирката нa Музејот ЗОИ во Сараево.
Светски познатиот сликар Исмет Мујезиновиќ, направил неколку плакати кои се оценети како најдобри од овој вид во светот. На еден од тиеплакати била маскотата на тогашната Олимпијада – Вучко. Оваа маскота е идеја на словенечкиот сликар Јоже Тробец. Логото на ЗОИ 1984 година во Сараево била стилизирана снегулка.
Составен дел на визуелниот идентитет на Олимпијадата во Сараево биле и промотивните видеозаписи. Нивната централна фигура е повторно Вучко. Гласот на Вучко кој пее „Сарајево“ го позајмува југословенската ѕвезда Здравко Чолиќ. сараевската Олимпијада имала дотогаш најголем број држави учеснички. Се разбира, настанот бил огромна промоција на Сараево, но и СФРЈ. Направен е голем исчекор во урбанизацијата на градот и развојот на инфраструктурата. Имено, токму во пресрет на Олимпијадата, реализирана е гасификацијата на градот.