Океаните едноставно се задушени во смет. Отпад може да се пронајде дури и во најоддалечените региони, далеку од брегот. Голем дел од тој смет е пластика: четкички за заби, пластични кеси и канистри. „Годишно се произведува околу 280 милиони тони пластика. Според проценките, 20 проценти од неа завршува во морињата. Но отпадот што плива на површината е само видливиот дел од проблемите, бидејќи сметот се собира и под морската површина и тоа во неверојатно големи количества. Тоа е огромен проблем. Поаѓаме од тоа дека само на дното на Северно Море се наоѓа можеби 300 илјади тони пластичен отпад“, вели за Deutsche Welle Тило Мак, морски биолог во германскиот „Гринпис“.
Делови од сметот кои беа пронајдени во морето, во рамките на потрагата по малезискиот авион, беа поголеми и од 20 метри. Тој смет, на членовите на семејствата на исчезнатите им будеше надеж, а на светот за момент многу сликовито му ги прикажа вистинските размери на загадувањето на морето.