Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ со свои претставници учествуваше на јавната расправа за новата ревидирана Стратегиска оцена на животната средина (СОЖС) на новиот Нацрт-план за управување со НП Галичица во периодот 2011-2020, која се одржа на 11 септември во просториите на ЈУНП Галичица во Охрид, информира ОхридПрес.
На расправата беа претставени заклучоците од измените во СОЖС на Планот за управување со НП Галичица по донесената одлука на Владата на Р.М. за изградба на ски-центар, експресен пат А3 Охрид-Пештани и Пештани-Р. Албанија и три туристички развојни зони во Љубаништа, Отешево и Стење.
– Би сакале да го изразиме нашето огромно незадоволство бидејќи и покрај тоа што во ревидираната СОЖС во повеќе наврати се препорачува да не се гради во националниот парк, односно градежни активности во националниот парк да бидат последна опција, со мастер планот за изградба на ски-центарот Галичица се предвидени градежни активности токму во сегашната заштитена зона на активно управување. Со цел да се овозможи изградба на ски центар и пат во НП Галичица, планирано е деградирање на заштитата на 604 хектари заштитено подрачје во националниот парк од зона за активно управување во зона за одржливо користење, информираат од Охрид СОС.
Според граѓанската иницијатива, најзагрижувачки е изнајденото решение за да се намали влијанието врз живеалиштата на ретките видови флора и фауна.