Регионот „Охрид – Преспа“ синоќа во албанскиот град Корча беше инаугуриран како 14-тиот по ред светски Прекуграничен биосферен резерват заштитен од УНЕСКО.
На свеченоста во присуство на високи владини преставници, на парламентите на двете држави, на општините што гравират во регионот Охрид – Преспа, на ЕУ и на дипломатскиот кор, преставници на Националните комисии на УНЕСКО им ги предадоа сертификатите за прогласување на Прекуграничниот резерват на министрите за животна средина на Република Македонија и на Република Албанија, Нурхан Изаири и Лефтер Кока.
Во обраќањето пред присутните на церемонијата министерот Изаири меѓу другото изрази уверување дека сертификатот ќе придонесе за интензивирање на соработката меѓу ресорните министерства на Албанија и Македонија за севкупно промовирање на регионот, нагласувајќи дека прашањата што ја засегаат заштитата на животната средина глоблано ги уриваат сите бариери помеѓу државите.
– Соработката со ресорното Министерство за екологија на Република Албанија ќе биде на највисоко ниво. Кога станува збор за заштитата на животната средина, тука се бришат сите бариери меѓу државите, како административни така и психолошки, – изјави Изаири.
Неговиот албански колега Лефтер Кока во оваа прилика ги потенцираше исклучителните вредности што ги поседува регионот Охрид – Преспа.
– Регионот е од огромно значење, не само локално и регионално, туку и како светска вредност со исклучителен потенцијал, не само како здрава животнса средина туку и како регион со економски, научни и културни богатства. Регионот е национален интерес, во насока на натамошно унапредување и управување со природните ресурси, а со својата биолошка разновидност вистински капитал што бара грижлив, – истакна Кока.
Главна цел и предизвик на Прекуграничниот резерват ќе биде развојот на одржливо користење на природните ресурси во полза на локалното население, базиран врз напорите на локалните заедници и рационалноста на науката.
Новиот прекуграничен биосферен резерват Охрид – Преспа ги опфаќа сливните подрачја на Охридското и Преспанското Езеро, со површина од 446.244 хектари, територија која припаѓа на албанскиот и македонскиот дел од сливното подрачје на двете езера. На територијата на резерватот живеат околу 450 илјади жители, во 26 единици на локална самоуправа на албанска и шест на македонската страна.