Владата за краток период, шест месеци, се посвети на процесот за надминување на катастрофалната состојба во која бeше доведен Охридскиот Регион, што било констатирано и од мониторинг-мисијата на Центарот за светско наследство на УНЕСКО во 2017 година. Ова го изјави министерот за култура и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, Роберт Алаѓозовски, во рамките на првата надзорна расправа за Законот за управување на светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион и сродната регулатива во контекст на Конвенцијата на УНЕСКО.
Како што информираат од Министерството за култура, во рамките на расправата било констатирано дека со досегашните активности за спроведување на препораките на Комитетот на УНЕСКО елиминирана е опасноста од губење на статусот на заштитено светско наследство на Охрид и дека во таа насока во моментот се преземаат голем број конкретни дејства за спречување на, како што се вели, досегашната негрижа и хаос, во насока на унапредување на животната средина, како и развој на инфраструктурата и економијата на регионот во согласност со стандардите на светската организација.
Министерот за култура, Алаѓозовски, истакнал дека надлежните министерства и институции реализирале најголем дел од итните мерки предвидени во акцискиот план, кои се однесуваа на извештајот за напредокот доставен до Центарот за светско наследство на УНЕСКО на 13 февруари 2018 година.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, ги посочил конкретните проекти со кои се идентификувани проблеми во извештајот и одлуката, а тоа се: изградбата на автопатот А2 (делница Требеништа-Струга), изградбата на експресниот пат А3 (делница Охрид-Пештани), изградбата на експресниот пат А3 (делница Пештани-граница со Република Албанија) и изградбата на железничката делница Кичево-граница со Република Албанија како дел од Коридорот 8.
Министерот Сугарески навел и што е преземено по препораките на УНЕСКО, па затоа привремено се стопирани инфраструктурните проекти. Сепак, тој нагласил дека ќе мора да се има предвид дека се работи за проекти што ги поврзуваат паневропските коридори и кои се многу значајни за регионалниот развој на Република Македонија.
Во однос на загрозеноста на Охрид како природно добро и проблемот со комуналниот отпад, министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку, рекол дека Владата е во процес на создавање регионален систем за менаџирање на депониите.
Во акцискиот план на Владата се наведени ингеренциите на општините Охрид, Струга и Дебрца, кои треба да достават до Националната комисија на УНЕСКО урбанистичко-планска документација за крајбрежната област, а Општина Охрид се задолжува да почне постапка за донесување ДУП-ови.
Ова се дел од заклучоците на расправата на која охридскиот градоначалник, Јован Стојаноски, рекол дека најприоритетна задача е донесување измени на законот и побарал сериозно да се пристапи кон изработка на плановите, особено на планот за управување со Охридскиот Регион, со природното и културното наследство, а паралелно и почнатите планови за управување со Охридското Езеро и планот за управување со сливното подрачје.
(Макфакс)