Министерството за транспорт и врски ја почна постапката за изградба на вториот дел од жичарницата на Водно. Распишан е оглас за „набавка на работи за изградба на жичарницата секција 2: Средно Водно – Институт за белодробни заболувања – Козле, по принцип ‘клуч во раце‘“. Проценето е дека изградбата ќе чини околу шест милиони евра.
Заинтересираните изведувачи треба да ги достават понудите до средината на мај. Ако се’ тече по планот и ако се избере изведувач во првиот обид, извесно е дека изградбата ќе започне годинава.
Инаку, пред пет години првиот дел од жичарницата го изведе австриската фирма „Допелмаер“ заедно со неколку македонски фирми како подизведувачи. Жичарницата има 28 кабини за по осум патници и две ВИП- кабини за четворица.