Хотелот „Скопје Мериот“ лоциран на плоштадот Македонија, од денеска е и официјално отворен за гости.
Станува збор за инвестиција вредна 30 милиони евра, чија реализација траеше шест години. Моментно вработува 97 лица, а бројката се очекува да достигне вкупно 150.
Хотелот е прв од ланецот „Мериот“ на Балканот и е изграден според препознатливите стандарди.
Како што беше речено на денешната презентација за новинарите, кои имаа можност да прошетаат низ објектот и да ги видат капацитетите со кои располага, собите, апартманите, вклучувјаќи го и луксузниот претседателски, Македонија доби хотел со кој може да се гордее и со кој влегува во светската хотелска мапа.
– Многу труд, љубов и финансии се вложени во овој проект. Денес, по многуте непроспиени ноќи, горди сме на она што го постигнавме. Добивме хотел со кој ќе се гордееме и со кој Македонија влегува во светската хотелска мапа. Нудиме врвни услуги, сосема поинакви содржини и концепти, – рече генералниот менаџер на Develop group, инвеститор во „Скопје Мериот“, Александар Ивановски.
Хотелот, додаде Ивановски, е комбинација на традиционална архитектура и модерен внатрешен дизајн. Покрај ултрамодерните гостински соби, вкупно 164, различните апартмани, од оние за деца до најлуксузните, нуди и флексибилни и стилски простории за состаноци, посебни сали за настани, ресторан со дистрикт бар и кујна како спој на различните култури, спа центар, фитнес сала,…
Претставниците на ланецот „Мериот“ кои присуствуваа на презентацијата нагласија дека хотелот во Скопје е еден од најсовремените во светот и во него е инкорпориран најновиот дизајнерски концепт, почнувајќи од изгледот на собите до вкупните услуги. Сите технички аспекти се по американски стандард карактеристичен за „Мериот“, особено безбедноста и противпожарната заштита.
Првите гости веќе пристигнаа. Сите се странци од Германија, Холандија…
Ланецот „Мериот“ моментно брои 500 хотели и ресорти во речиси 60 земји низ светот. Мотото на компанијата е обезбедување брилијантно патување за следните генерации преку трансформација за мобилните и глобални патници кои сакаат да ги спојат работата и забавата.