Насловна / Вести / Улица „Арбат“ еден километар на Русија

Улица „Арбат“ еден километар на Русија

ulica-arbat-thumb.jpg

Постојат улици во светот чие име веднаш ве асоцира на градот, на државата, на народот на кој му припаѓаат. Ако го спомнете "Сен Жермен" или "Сен Мишел", тоа е Париз. Ако ја спомнете "Кнез Михајлова", тоа е Белград. А ако спомнете "Арбат" ве асоцира на Москва, знаете дека тоа е Русија. Или како што вели поетот Булат Окуджава: "Ах Арбат, мој Арбат, ти си моја родина… ".
Да се пишува за улицата "Арбат" не е лесно. "Арбат" по зборовите на поетот е и татковина, и религија и радост и беда. Тоа не е обична улица. "Арбат" е допир кон таинственото. Допир кон цели епохи. Улица со сопствена историја, самостојност и традиција. Некој вид на социокултурна заедница. Таа е симбол на руската престолнина, како што е Кремљ, Црвениот плоштад или црквата "Василиј Блажени". Да се опфатат во една статија сите аспекти на нејзиното значење, животот, историјата, архитектурата, уметноста, литературата… , е речиси невозможно. Потребно е многу време и простор. Но сепак, ќе се обидам да направам еден осврт на најзначајните настани, личности, објекти. Онака како јас ги доживеав и согледав.
ulica-arbat-1.jpg
Интересно е потеклото на егзотичното име "Арбат". До денес не постои единствен заклучок за називот на овој топоним. Најраспространета е хипотезата според која, произлегува од арапскиот збор "арбад" ("рабад"), што значи предградие. Се верува дека овој збор бил донесен во Москва од кримските татари или од арапските трговци, кои во 15 век доаѓале тука да купуваат. Првото спомнување на "Арбат", забележано во историјата на земјата, во 1493 година, е поврзано со немил настан, со пожар. Подоцна, во 1547 година, повторно пожар. Голем пожар, од кој изгорел речиси целиот град, повеќе од 25.000 објекти… И покрај ова тешко "детство", "Арбат" израснал во славна московска улица. Станал центар на нејзиниот духовен живот. Бил воспеан во многу песни, стихови и филмови. Опишан во многу романи. Со "Арбат" се поврзани животот и творештвото на повеќе од петстотини славни личности на руската историја.

Арбат низ вековите

Опоравувајќи се од двата големи пожари, пра- Арбат првпат се појавува за време на царството на Иван Грозни (1530 – 1584). Улицата секогаш била главна артерија која го поврзувала градот со западните земји. Царот Алексеј Михаилович (1645 – 1676) во 1658 година, со указ го сменил името на улицата од "Арбат" во "Сломенска". Но, народот не прифатил. Старото звучно име Арбат, останало и преживеало до ден-денес.
ulica-arbat-2.jpg
По улицата "Арбат" продолжиле да одат трговските каравани на разни народи, на разни војски. Низ историјата, руските воини преку оваа улица оделе во своите походи. Во 1812 година, по улицата се слушнала и коњаницата на Наполеон… Во XVI век на улицата "Арбат" живееле занаетчии… И ден-денес, некои од малите попречни улички се нарекуваат според нивните занаети. Во XVIII век, занаетчиите биле потиснати од дворјаните. Улицата "Арбат" станала една од најаристократските улици во Москва. Во 1736 година повторно избувнал пожар. Била уништена половина од улицата. Обновените, раскошни, не многу големи дворци, палати во стилот на ампир, припаѓале на дворјани, на познати чиновници, на црковнослужители. Благодарение на архитектонската префинетост на овие објекти, улицата добила посебен статус во Москва, кој се задржал до денешно време.

На почетокот на XIX век, се случила војна со Французите. Повторно голем пожар во 1812 година. Улицата што била изградена речиси во целост од дрвени објекти, сосема изгорела. Но, објектите биле обновени на старите фундаменти. Улицата "Арбат" ги прифаќала новините на времето. Се менувала. Почнала да поприма современ изглед. Во втората половина на XIX век, тука се сконцентрирала руската интелигенција. Се појавил арбатскиот бум. Да се доселиш на "Арбат" и на неговите мали попречни улички, станало престижно и модерно.
Почетокот на XX век донел револуција. Советските времиња извршиле огромно влијание на Москва, на нејзиниот облик, на нејзините граѓани. После револуцијата требало многу објекти да се обноват, а некој и одново да се изградат. Периодот на занесот со конструктивизмот (1920-1930) нашол свој одраз. Новите објекти изградени на местото на срушените историски објекти, покрај пролетерскиот аскетизам во формите и деталите, имале мрачна и тажно сива боја. Силуетите на улицата "Арбат" биле израмнети, многу објекти надоградени и подведени под една линија. Малите улички, кои го создавале амбиентот на "Арбат" биле асфалтирани. Улицата веќе не била елитна. Таа станала слична на сите улици во Москва. А некогаш аристократските вили и станови биле претворени во тесни комуналки, кои ги населиле градителите на новото општество, дојдени во Москва од различни делови на земјата.

Следната фаза на промената на "Арбат" е во 60-тите години на XX век. Дел од неговите улички биле срушени поради изградбата на новиот современ булевар, наречен "Нов Арбат". Биле уништени многу споменици на архитектурата од XVIII и XIX век. Стариот "Арбат" претрпил неповратни измени. Во 1974 година, група архитекти под водство на Алексеј Гутнов и Зоја Харитонова, започнале изработка на проект за пешачка улица. Проектот опфаќал уредување на улицата, реконструкција и реставрација на фасадите на објектите. Работите почнале во 1982 година. Комплетно бил сменет системот на подземната инсталација, на канализација и друго. Биле поплочени 25.000м². На крајот на 1986 година, "Арбат" го добил новиот лик. Фасадите на објектите воскреснале во разнобојни нијанси на розови, жолти, сиви, зелени тонови. Поставени биле жардиниери со цвеќиња, клупи за одмор на посетителите, фенери, светилки во ретро стил. Биле отворени многу мали кафулиња, ресторани, продавници.

Објекти на Арбат

Улицата "Арбат", со сите нејзини попречни мали улички, е лоцирана во централниот административен округ на градот Москва (реон Арбат). Почнува од Арбатската порта, до Смоленскиот плоштад. Лежи помеѓу улиците "Пречистенка" и "Нов Арбат". Површината на територијата на реонот е 211 хектара. Бројот на население 26,9 илјади жители (на 01.01.2010). Површината на станбениот фонд е 754 илјади м².

Да се пишува за "Арбат", значи да се пишува за сите негови објекти. Сите заслужуваат внимание. Но, во овој напис ќе спомнам само неколку објекти. На пример, вниманието го привлекуваат домот со бр. 2, во кој се наоѓа познатиот ресторан "Прага", изграден во 1872 година, или домот бр. 4, кој некогаш припаѓал на роднините на сопругата на писателот Пушкин, Наталија Гончарова. Објектот со бр. 11, е со накитена фасада, украсена со лавовски маски. Во објектот бр. 35, на чија фасада стојат рицари, се наоѓа "Централниот дом на актерите", а самиот објект е споменик на архитектурата на XIX век. Или објектот на бр. 37, кој е споменик на архитектурата на XVIII век. А во објектот бр.43 живееле, во различно време, поетите Андреи Белии и Булат Окуджава…
ulica-arbat-3.jpg
Киното "Художествении" ("Уметнички") се наоѓа на "Арбатски плоштад" бр.14. Објектот бил отворен во ноември 1909 година. Го проектирал архитектот Н.Н Благовешенски. Салата била за 400 посетители. Во 1912 – 1913 година, објектот бил обновен. Работата била доверена на еден од најпознатите архитекти на XIX век, Фјодор Осипович Шехтел, мајстор на архитектонскиот стил – модерн. Салата била зголемена на 925 места, вентилацијата била усовршена, било воведено парно затоплување. По револуцијата тука се собирала советската интелигенција. На 28 декември 1925 година, после проекцијата на филмот "Оклопницата Потемкин" од режисерот Сергеј Еизенштеин, официјално било објавено за самоубиството на поетот Сергеј Јесењин. Во 1955 година, станала прва киносала со широко платно, прв синемаскоп во Москва. Сè до изградбата на кино-концертната сала "Русија", била најубава киносала во градот.

На улицата "Арбат" бр. 26 се наоѓа Државниот академски театар "Вахтангов". За време на војната, во 1941 година, паднала бомба на стариот објект. После војната, во 1946/47 година, театарот бил повторно изграден, под водство на архитектот Абросимов. Во реонот "Арбат" има 15 театри. Тука се театарот "Чехов", театарот "Постмодерн", "Арбат опера", куклениот театар "Аркадија" и други.

На "Арбат" живееле или престојувале Пушкин, Лермонтов, Толстој, Чехов, Гогољ, Блок, Андреи Белии, Окуджава… Во Сребрената уличка живеел рускиот композитир Сергеј Рахмањинов. На "Арбат" читале свои стихови Сергеј Есенин, Владимир Мајаковски… Списокот на знаменитите луѓе од "Арбат", списокот на уметничките дела, на научни откритија, создадени тука, може да исполни една цела енциклопедија.

Во овој реон има 17 музеи. На пример, тука е меморијалниот музеј "Стан на Лермонтов". Музејот бил основан во 1979 година, како филијала на Државниот литературен музеј. Тој се наоѓа во домот каде што големиот поет и писател, како студент на Московскиот универзитет, живеел од 1829 до 1832 година. Ентериерот на музејот соодветствува со времето кога писателот живеел тука. Во колекцијата на музејот се неговите ракописи, стихови, драми, албуми со цртежи и акварели. Можат да се видат цртежи и слики кои писателот ги работел во период 1837 – 1841 година.

Тука е романтичниот меморијален музеј "Стан на Пушкин на Арбат". Музејот е сместен во објект, во кој на вториот кат Александар Сергеевич Пушкин, во февруари 1831 година, изнајмил стан. Музејот бил отворен на 18 февруари 1986 година, на годишнина на неговата свадба. Експозицијата ги зафаќа двата ката. Салите на првиот кат се посветени на темата "Пушкин и Москва", а на вториот кат се меморијални соби на Пушкин.

Меморијалениот музеј "Стан на Марина Цветаева" бил отворен во1992 година во објект, каде поетесата Марина Ивановна Цветаева (1892- 1941) живеела во период 1914 – 1922 година, пред нејзината емиграција. Тука се и музејот на "Горки" (литературна експозиција), научно-меморијален кабинет "Музеј на режисерот Еизенштеин", меморијалениот музеј "Стан на научникот Тимирјазев" и други. На домот на архитектот Мелников, во Кривоарбатската уличка, споменик на архитектурата на советската авангарда на почетокот на XX век, ќе се осврнам во друг текст. Во реонот "Арбат" има шест концертни сали, седум библиотеки, повеќе храмови…

"Арбат" – улица на уметноста и литературата

Симболот на старата Москва, улицата "Арбат", е овековечена низ многу дела во руската поезија, во прозата, во филмовите. Еве некои од делата во кои ја спомнуваат: Толстој ја спомнува во романот "Војна и мир". Михаил Булгаков во "Мајсторот и Маргарита". Андреи Белии и посветил на родената улица есеј "Стариот Арбат". Борис Пастернак ја напишал "Мир на Пречистенка и Арбат". За улогата на "Арбат" во револуцијата пишувал писателот Андреј Бели. Анатоли Рибаков ја напишал "Децата на Арбат". Булат Окуджава посветил многу стихови на саканата улица на своето детство. Во 1970 година, Арбузов ја напишал "Приказни на стариот Арбат", а во 1982 година по оваа пиеса, режисерот Сава Кулиш го снимил филмот "Скаски… скаски… скаски на стариот Арбат". Со право може да се каже дека "Арбат" е улица на уметноста и литературата.
ulica-arbat-4.jpg
Зошто "Арбат" станал толку знаменит? Која била таа сила што ги привлекува луѓето тука? Прво занаетчиите, па дворјаните, па интелигенцијата… на овој голем народ. Постојаната концентрација на творечката енергија на луѓето што живееле тука, оставила белег. Шетајќи се по улицата можеш да го почуствуваш тоа. Можеш да насетиш нешто од прекрасната руска душа. Во постсоветскиот период "Арбат" е повторно сменет. Стана елитен трговски и деловен центар. Привлечна туристичка точка. Со тек на годините, улицата го изгубила својот стар, таинствен, загадочен облик. Само називот "Арбат", што никогаш не е сменет, потсетува на неговата долга историја. И секако, постојаниот поток на творечка енергија, на позитивни идеи, топлина и добродушност. Творечкиот дух доминира и денес. Тој го двои "Арбат" од другите московски улици. Тој се доживува како културен центар на Москва. Јас го доживеав така. За време на мојот повеќегодишен престој во Москва, тоа беше местото што постојано ме привлекуваше. Современо место, кое воедно кореспондираше со мојата слика за Русија, создадена во младоста, кога со голема љубов ги читав книгите на руските класици, на Толстој, Достоевски, Тургењев… , и се воодушевував од поезијата на Пушкин. Славната изрека на Н.М. Карамзин: "Кој бил во Москва ја знае Русија", со право се надополнува "Кој бил на ‘Арбат’, ја знае Москва". Или како што вели Левин во насловот на својата книга "Арбат": Тоа е улица… славна улица… еден километар на Русија.


Љупка Дуковска, дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Scroll To Top