Уште едно ремек дело од дамата која постави повисоки стандарди во архитектурата. Проектот на Заха Хадид од 2014 година, се однесува на изградбата на објектот – седиште на компанијата Bee’ah кој е карактеристичен по својот облик во вид на песочна дина. Реализацијата на проектот е во тек, а значајни делови веќе се завршени, и истовремено откриени се за јавноста неколку детали во однос на нивната одржливост.
Се очекува комплетно да биде завршен до крајот на 2018 година. Градбата се наоѓа во Шарџи во ОАЕ, и претставува седиште на компанијата Bee’ah која се занимава со управување со отпад на Блискиот исток. Инспирацијата за овој проект произлегла од локалниот пејсаж, односно од пустината.
Предвидено е објектот да добие LEED Platinum сертификат. Користени се рециклирани градежни материјали со цел градежниот отпад да не завршува на депонии туку да се имплементира согласно концептот на циркуларна економија. Зградата има специфична ориентација, заради природна вентилација, користење на соларна енергија и други форми на заштеда на енергија. Објектот во целост ќе се напојува со соларна енергија, при што фотоволтаиците се поврзани со батерискиот систем Powerpack на компанијата Тесла.