Работењето во внатрешна средина, поточно во канцелариска, доби доминантна улога во животот на поголемиот дел од работното население, како и на општествата во целина во светските економии. Тоа е резултат на драматичните промени на условите, и за вработените и за компаниите, во период од крајот на дваесеттиот век до денес.
Ваквата состојба е резултат на фактот, што денес луѓето трошат сè повеќе време работејќи, а поголемиот дел од работењето во модерните општества се одвива во канцеларија. Овие нешта придонесуваат острата граница помеѓу работата и домот да исчезне. Пример за ова е т.н. телекомјутинг (telecommuting), или т.н. теле-работење од дома, што на работата ѝ даде нова улога и по однос на вработените и по однос на организацијата.
„Секаде е канцеларија“
Канцеларијата веќе стана еден вид на некаков штаб, логор или домашно катче каде што вработените одат да се сретнат со колегите и да соберат информации. За организацијата, таа стана сцена на која вработените споделуваат искуства, инспирации, влијанија и информации.
Затоа значењето на канцеларијата за организациите не ослабнува, туку и при променета улога сè уште е важен фактор за успехот на компаниите, како во локални уште повеќе и во глобални рамки. Ако е тоа така, тогаш и архитектурата преку ентериерот како свој дел влијае врз физичката средина на работното место, а со тоа и врз корпоративниот имиџ на организацијата, при што учествува во формулирање на целта, правецот, фокусот и мотивацијата на организацијата и на нејзините членови, но и врз нивните клиенти (Даниелсон, 2010).
Значењето или важноста на работниот простор го потврдува и посебниот оддел на Федералната влада на САД, наречена Општа услужна администрација на САД, чија должност е дизајнирање и организација на работни места кои ќе ја максимизираат економската и стратешката вредност на вработените во федералните институции ширум земјата.
Овој дел на американската администрација, преку својот оддел за Услуги во Јавните згради (Public Buildings Service), се стреми да им помогне на владините институции да бидат успешни работни организации преку воспоставување и користење на „супериорни работни места“. Тие се убедени дека работното место како алатка на организацијата за постигнување на нејзината мисија е сè уште важно.
COFFICE (кафе и канцеларија)
Нивното истражување на работното место, издадено во вид на публикација наречена „Зошто е сè уште важно работното место“, покажува дека работното место влијае врз многу аспекти на работењето, како што се: 1) здравјето и благосостојбата на луѓето што работат во канцелариските згради; 2) способноста на организациите да привлечат нови и да ги сочуваат постојните вработени; 3) ангажманот на вработените; 4) отсуство од работа; 5) трошоци за приспособување на еволуцијата на организацијата или промените во неа; 6) имиџот на организацијата, што го има кон корисниците и кон своите вработени; 7) брзината на комуникациите и 8) трошоците за енергија и други активности важни за одржувањето на зградата.
Важноста на работното место е поткрепена и со уште еден фундаментален податок до кој дошле истражувачите, а тоа е дека знаењето на организацијата не се состои од датотеките, туку највеќе од искуството и меморијата на луѓето што работат во неа. Ова е само уште еден поен повеќе кон хуманата суштина на работата, а со тоа и на местото каде таа се одвива.
Не случајно го напоменуваме ова, зашто кај нас (и во јавниот и во приватниот сектор), освен систематизација на работни места според која се врши прераспределба на работниот простор, не постојат специфични принципи за проектирање канцеларии, освен проектантскиот прирачник „Нојферт“. Затоа е важно да одредиме што е канцеларија и што е канцелариска работа. На овие прашања, можеби најсоодветен одговор дава авторот Енди ван ден Добелстеен во книгата „Одржлива канцеларија“.
Заеднички простории
Тој ја дефинира канцеларијата како категорија на типологија на места, простор и намена. Примарно, канцеларијата не означува само зграда туку повеќе го означува секое она место каде што се одвива канцелариска работа. А канцелариската работа претставува активност на процесирање на информации, архивирање, производство и пренесување на податоци – информации. Ваквата одредница овозможува нови перцепции на организацијата на канцелариската работа со помош на информациските и телекомуникациски технологии кои истата ја овозможуваат.
Важноста на архитектурата и ентериерот во вкупната ефикасност и продуктивност на организацијата, ја посочуваат и авторите Порас, Робертсон и Робертс преку креирање на модел за промените на работењето. Нивниот модел аплицира визионерски дизајн менаџмент ориентиран кон значајна перспектива на архитектурата и дизајнот во колаборација со другите експертски полиња, кои ја опфаќаат канцеларијата и како физички, но и како социјален и економско-финансиски простор.
Моделот се карактеризира со пет клучни фактори кои се во меѓусебен однос и влијаат еден на друг, при што визијата е главниот фактор како алатка на организацијата, која се однесува и на краткорочни и на долгорочни цели. Тој истовремено формира и е под влијание на додатни четири фактори: 1) организациски аранжмани, 2) општествени фактори, 3) технологија и 4) физички наместена средина, што не е ништо друго туку архитектура, односно ентериер.
Организациските аранжмани се формалните структури кои ги водат координатите на луѓето и процесите внатре во организацијата (стратегии, административни системи, рутини и системи за наградување). Општествените фактори се неформалните карактеристики на индивидуалните и групни работи, кои обично е тешко да се променат (организациската култура, менаџерскиот стил и интеракција).
Архитектонско биро
Технологијата се технолошките системи користени во организацијата комбинирани со дизајнот на работата. На крај, физичката наместеност – архитектурата е комбинација од просторна конфигурација, физички амбиент, дизајн на ентериер и архитектонскиот дизајн во целина.
Истражувачите на канцеларијата и нејзиното влијание врз бизнисот, организациите, но и врз луѓето што работат во нив, или на друг начин ги користат, велат дека нејзиниот развој како физички простор и работата во неа, денес во втората половина на втората декада на дваесет и првиот век е на крстопат. Причините за оваа констатација тие ги наоѓаат во огромните влијанија кои канцеларијата ги трпи од брзото темпо на развојот на информатичките и комуникациските технологии.
Зашто работниот свет доживува радикални промени, при што за разлика од пред само неколку декади, работата станува сè поглобална, вмрежена, мобилна и фокусирана на знаењата. Ако во тие не така дамнешни времиња напредокот или иднината, во фаза на планирање, се очекуваше да дојде после 20 до 30 години, што во споредба со минатите милениуми е брзина на звукот, во овој 21 век планирањето е скратено на рекордни две до три години однапред, што од друга страна, пак, е брзина на светлината.
„Размена на информации“
Менаџерските филозофии се поместија од акумулација и натрупување кон рационализација, од командување и контрола кон соработка. Разликата помеѓу минатото и сегашноста и иднината се огледа и во фактот што вработените работеле на само еден проект значаен временски период, додека денес обично вработените симултано работат на повеќе проекти. И уште еден факт е битен, а тоа е дека во САД од 1959 година до денес, рутинската работа е намалена за 60%, додека нерутинските задачи кои водат кон поголем успех на организацијата е зголемен за 40%.
Моќта на Интернет за трансформација го менува општеството од темел, а социјалните мрежи ги поврзуваат луѓето на глобално ниво.
Никогаш претходно не било толку лесно да се оствари контакт со друго лице со кого споделувате исти интереси или ставови без оглед на времето и географската позиција на учесниците. Флуидните мрежи ги заменуваат крутите хиерархии како организациски принцип на меѓусебните односи на вработените во ова време. Веќе е започнат преминот од индустриска во вмрежена економија, која воспоставува свои досега неискусени правила, актери, како и нови модели на приходи.
Денес, со помош на Интернет може буквално сè да се организира, од идеја до финансии и продажба, сето тоа надвор од конвенционалните синџири на вредност. Значењето на традиционалните улоги е доведено во прашање во условите кога „прозументот“ ја замаглува границата помеѓу конзументот и производителот.
Ваквиот нов тип на индивидуи бараат право активно да партиципираат во иновативните процеси. Вмреженоста и соработката се клучни за успехот на вмрежената економија. Воспоставувањето и ширењето на односите со клиентите стана многу поважно отколку самата продажба.
Според Норберт Болц, професор по филозофија и теорија на медиумите на Берлинскиот технички универзитет, веќе не постојат само конзументи – тие сега се прозументи, веќе нема публика зашто сега секој е автор. Ако порано општеството беше уредено на база на организации, институции и репрезентативни тела, денес, според него, живееме во среќната анархија на комуникациските мрежи.
проф. м-р Мишко Ралев,
Факултет за архитектура и дизајн при УАКС