Претставен e новиот проект на одржлив комплекс за градот Ксионџан во Кина. Станува збор за комплекс со мешовита намена кој дефинира нови стандарди во ерата после пандемијата и кој може да се примени како модел за различни градови ширум светот. Победничкото решение е дело на архитектонската компанија Guallart Architects од Барселона. Проектот дефинира урбан модел кој ги спојува традиционалните европски урбани блокови, кинеските модерни кули и продуктивната околина. На конкурсот се пријавиле 300 проекти распоредени во шест категории. Со решението ќе се дефинираат стандардите за новиот град – проект кој има поддршка од претседателот Си Џипинг, како јазол за економскиот триаголник Пекинг – Тјенцин – Хебеј. Во прашање е ново градско опкружување во кое луѓето живеат, работат и се одмараат. Жителите локално произведуваат ресурси, додека се поврзани глобално. Идејата произлегува од фактот дека светот се менува, како и градовите, па предлогот се обидува истовремено да обезбеди решенија за различните кризи кои се случуваат со цел создавање на нов урбан живот базиран на кружната економија која ќе ги зајакне заедниците.
Четирите блока ќе ги карактеризира изградба од масивно дрво и пасивни решенија. Комплексот со мешовита намена ќе вклучува станови, резиденции за млади и постари лица, канцеларии, базен, продавници, пазар, градинка, административен центар и противпожарна станица. Сите згради ќе бидат прекриени со градини во кои ќе се прозиведува храна за секојдневна употреба, додека соларните панели на покривите ќе произведуваат енергија. Во приземјето ќе се наоѓаат дигитални „фабрики“ кои ќе овозможуваат користење на 3D печатачи и машини за брзо производство на предмети за секојдневна употреба. Значи, зградата ќе има „внатрешен систем“ кој ќе ги обединува производството на енергија, рециклирањето на водата, производството на храна и повторната употреба на материјали, промовирајќи нов модел на урбано управување.
Сите станари ќе имаат голема тераса ориентирана кон југ, која ќе делува како регулатор на топлина и ќе може да се користи како простор за одмор и работа доколку дојде до „затворање“ и изолација. Исто така, становите ќе бидат опремени со телекомуникациски врски за работа и поврзани на 5G мрежа.
Honorata Grzesikowska, директорка на компанијата, вели дека проектот е развиван во текот на периодот на изолација, кога целиот тим работел од дома, па соодветно на тоа одлучиле да ги вклучат сите аспекти кои би помогнале да се подобри квалитетот на живот во вакви ситуации.