Во организација на Здружението Македонски комитет за големи брани (ЗМКГБ) се одржа Трибина на тема: 80 години од инженерството за брани во Македонија. Поводот за одржувањето на научниот собир е одбележувањето на значајниот јубилеј: 80 години од изградбата на првата брана во Македонија – лачната брана „Матка“, која беше изградена во 1938 година. Проектот за браната „Матка“ бил изработен од академик Миладин Пеќинар, еден од пионерите во развојот на модерната хидротехника и хидроенергетика во поранешна Југославија. Со изведбата на браната со придружните објекти, на излезот од кањонот на реката Треска во близина на Скопје, беше формирана акумулацијата Матка. Со комплетирањето на крајбранската хидроцентрала Матка, започнало енергетското користење на водите на реката Треска.
На Свеченото отворање на Трибината, во Скопје, поздравен збор беше даден од проф. Љупчо Петковски, претседател на ЗМКГБ и претседател на Организациониот одбор. Беше подвлечено дека денес со гордост се констатира дека градителите на брани во Македонија се достојни наследници и продолжувачи на благородното дело на академик Пеќинар од 1938 година. Потврда е фактот дека во Македонија се изградени 45 брани со регионално значење, од кои 4 се јаловишни брани, и околу 110 пониски насипни брани со локално значење. Бројот од околу 150 изградени брани, практично од сите видови (насипни и бетонски, гравитациски и лачни), кои според критериумот на ICOLD се во категоријата на ’големи брани’, покажува дека пропорционално на капацитетот и големината на државата, Македонија е позиционирана на врвот на инженерството за брани во Европа. Тука треба да се истакне дека најзначајните водостопански објекти се проектирани и изградени од домашни компании, што е најдобра потврда дека во периодот од осум децении е создадена препознатлива и респектирана македонска хидротехничка школа. Во годината кога со гордост се прославува значаен јубилеј беше дадено признание на личноста која оставила најдлабоки траги во градителството на брани во изминатите осум децении. Од ЗМКГБ, во оваа пригода, беше доделена Плакета за животно дело на проф. Михајло Серафимовски, за огромниот научен и практичен придонес во проектирањето и градењето брани и развојот на хидротехниката и водостопантвото во Р. Македонија. Омилениот професор Микле Серафимовски, после примањето на Плакетата за животно дело од ЗМКГБ, се обрати до учесниците на Трибината, со осврт кон значајноста на браните за севкупниот развиток на државата.
На учесниците на Трибината им се обрати Љупчо Николовски, Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој го истакна значењето на браните за водостопанството на Македонија, и даде преглед на тековните и идните инвестиции на МЗШВ за зајакнување на хидротехничката инфраструктура. Пригодно обраќање до учесниците на Конгресот со посакување на успешна и плодотворна работа имаа и проф. Миле Димитровски – претседател на КОАОИ, проф. Јосиф Јосифовски – продекан на Градежниот факултет, УКИМ, проф. Мери Цветковска – претседател на ДГКМ и проф. Јован Б. Папиќ – претседател на ДГМ.
За трибината пристигнаа одреден број реферати, од кои 14 беа прифатени од меѓународниот редакциски одбор да бидат отпечатени во Зборникот посветен на оваа трибина. Рефератите беа подготвени од експерти од Македонија, Србија, Словенија и Бугарија и беа презентирани во две пленарни сесии. На трибината имаше околу 100 учесници, кои активно ги следеа презентациите на рефератите. Професионалната презентација на рефератите и бројните дискусии, беа најдобра потврда за квалитетот на Трибината, чија основна причина за одржувањето беше продолжување на активностите на ЗМКГБ од изминатиот период. Основната цел на овие активности беше да обезбеди размена на искуства и трансфер на знаење на неговите членови, со една и единствена цел – напредок на хидротехниката во Македонија.
Музеј на хидроенергетика во старата машинска зграда на ХЕЦ Матка, р. Треска, Скопје, 20.10.2018, учесници на стручната посета
Покрај теоретскиот дел на Трибината, успешно беше спроведен и практичниот дел, со стручна посета на хидроцентралата Матка и браната со придружните објекти Матка. Здружението МКГБ се заблагодарува на домаќините од ЕВН за професионалната презентација на хидројазелот Матка и организацијата на теренска посета и посетата на Музејот – старата машинска зграда на ХЕЦ Матка, како и на сите фирми и институции, кои со својата несебична финансиска поддршка помогнаа во реализацијата на Трибината.
Преграден профил Матка, р. Треска, Скопје, 20.10.2018, учесници на стручната посета на хидроцентралата и браната со придружните објекти
Автор: Проф. д-р Љупчо ПЕТКОВСКИ, Градежен факултет во Скопје