Насловна / Вести / Одржана првата обука за FIDIC договори во Македонија: Избегнување, наместо решавање на спорови

Одржана првата обука за FIDIC договори во Македонија: Избегнување, наместо решавање на спорови

Градежното друштво Гранит АД Скопје на 20 октомври ја организираше првата обука за FIDIC договори во Македонија. Идејата за организација на ваков настан, ja добив на универзитетот во Кембриџ пред една година. Како вработен во Гранит, имав можност да посетувам повеќе обуки, конференции и работилници во странство за FIDIC договорите.3

На овие обуки се запознав и со некои од авторите на самите договори. Во септември 2015 година учествував на Летната школа за градежно право на Универзитетот Кембриџ во Велика Британија. Во Кембриџ програмата беше пет дена интензивни обуки за FIDIC, меѓународно право, решавање на спорови, меѓународни арбитражи, оштетни побарувања, варијации, интернационално градежно право, интернационални договори и преговори итн. На универзитетот во Кембриџ го запознав и Charles Blamire-Brown од интернационалното адвокатско друштво Pinsent Masons од Лондон, кој заедно со неговиот колега Mark Harris и Georgina Reynard ја одржаа првата обуката за FIDIC договори во Скопје.4

Pinsent Masons е интернационално адвокатско друштво со над 2400 вработени, од кои 1800 адвокати кои работат на сите континенти и правни јурисдикции. Специјалност им е градежно право. Mark Harris, Charles Blamire-Brown и Georgina Reynard се едни од најдобрите адвокати во областа на градежништвото.

Обуката во Скопје беше поделена на шест сесии.

  1. Вовед и запознавање со FIDIC договорите;
  2. Време и пари;
  3. Оштетни побарувања;
  4. Суспензија и раскинување;
  5. Решавање на спорови;
  6. Панел дискусија со учесниците. Одговор на прашања.

Насловот на обуката беше „FIDIC Виножито на договори“ бидејќи со обуката беа опфатени сите видови на Општи услови на FIDIC договори:

  1. Општи услови на Договор за градење по проект обезбеден од страна на Нарачателот, прво издание 1999 – популарно наречена црвена книга;
  2. Општи услови на Договор за градење по проект обезбеден на Нарачателот – хармонизирано издание од страна на Мултилатералните банки за обнова и развој, јуни 2010 година – популарно наречена розова книга;
  3. Општи услови на Договор за проектирање и градење, прво издание 1999 – популарно наречена жолта книга;
  4. Општи услови на Договор за градење по принцип клуч на рака, прво издание 1999 –  популарно наречена сребрена книга;
  5. Општи услови на Договор за градење, проектирање и употреба на објект, прво издание 2008 година – популарно нречена златна книга.
  6. Општи услови на Договор за градење кратка форма, прво издание 1999 – популарно наречена зелена книга.5

На обуката учествуваа 90 делегати, претставници на градежната индустрија на Македонија и регионот, преставници на државни институции и органи на државната управа, инвеститори, надзори, како и претставници од Градежниот факултет Скопје.1

Покрај тоа што учесниците на обуката имаа можност да добијат совети и одговор на своите прашања од врвни експерти од оваа област, учесниците на оваа обука имаа екслузивна можност да се запознаат и со некои од измените што е можно да станат дел од новите изданија на FIDIC договорите, кои е најавено да се објават во 2017 година. Првите измени на FIDIC договорите ќе бидат објавени како ново издание на Условите на договорот за проектирање и градба (популарно наречена жолта книга).

Денес, меѓу големите градежни компании, широко е прифатен принципот на „избегнување на спорови“ наместо „решавање на спорови“, колку што е можно повеќе. Избегнување на спорови, значи и ангажирање на професионалци за администрација и менаџирање како на тендерската постапка, така и на договорите во текот на изградбата на големите проекти, а не ангажирање на професионалци по ескалација на спорот.

Секој градежен проект содржи потенцијални економски ризици за оштетни побарувања. Но исто така постојат и мерки кои учесниците во изградбата може да ги имплементираат со цел да се намалат овие ризици или да се елиминираат во целост. Во текот на изградбата на секој градежен проект, без оглед на тоа дали се работи за голем или мал проект, техничкото и правното искуство се клучни за да се постигне целта на изградбата во предвидениот рок и во предвидениот буџет. Во секоја од овие задачи или цели, водењето и советувањето од искусни адвокати и правници од областа на градежништвото, може да ја направат секоја фаза од процесот релативно без преземање на непотребни ризици, дополнителни трошоци и емоции.

Клучот за успехот на овие договори во интернационални рамки е во балансираниот пристап кон улогите и одговорноста и обврските на главните страни на договорите, како и алокацијата и менаџирањето на ризиците. Ако во текот на изградбата дојде до дисбаланс на веќе прифатената поделба на ризиците помеѓу договорните страни, постојат механизми во договорот, кои доколку договорните страни правилно ги применуваат, може да ја вратат претходно договорената распределба на ризиците во тендерската постапка.

Големите инфраструктурни проекти во себе носат и голем ризик од појава на спорови во случај на неисполнување или ненавремено исполнување на некои одредби од договорот. Општите услови на овие договори предвидуваат и механизам за првостепено решавање на споровите, но ако не се решат првостепено, надлежни за решавање на овие спорови се меѓународните трговски арбитражи, како Меѓународниот арбитражен суд при Меѓународната стопанска комора во Париз.2

Од оваа причина, фундаменталниот принцип на FIDIC договорите е во користењето на Општите услови на FIDIC договорите онака како што се издадени од Меѓународната федерација на инженери консултанти, основана во Женева – FIDIC, како одговарачки во сите случаи, врз основа на илјадници успешно завршени градежни проекти во светот.

 Пишува: Денис Ризаов

 (Авторот е дипломиран правник, Менаџер за FIDIC договори и оштетни побарувања во Гранит)

Испрати коментар

Scroll To Top