Денес во Амфитеатарот на Архитектонскиот факултет во Скопје беше одржана промоција на книгата „Патот на еден архитект“ на професорот Георги Константиновски, еден од најпознатите архитекти-проектанти што оставил длабоки траги во македонското архитектонско творештво.
Промоцијата во присуство на голем број студенти, пријатели, колеги и почитувачи на творештвото на професорот Константиновски, ја отвори деканот на Архитектонскиот факултет професорот Минас Бакалчев, кој во своето обраќање ја истакна улогата на професорот Константиновски во нашата архитектонска средина.
Бакалчев, истовремено, даде еден краток осврт на самата книга, за нејзината важност како биографска содржина исполнета со развојниот професионален и реализиран пат на Константиновски, споредувајќи ја со слични издавачки остварувања на значајни имиња од историјата на светската архитектура.
Самиот професор Константиновски заблагодарувајќи се на деканот и на присутната публика, особено ја истакна улогата на бизнисменот Трифун Костовски, кој во целост ја помогна и финансира реализацијата на ова исклучително издание.
Во своето кратко обраќање, се осврна и на актуелната архитектонска состојба во Македонија, односно Скопје, констатирајќи ја како девалвација на самата професионална струка и нејзината важност во нашето општество.