Во рамките на 13. Саем за градежништво 2016, и во организација на градежната фирма „Голден арт“, се одржа промоција на книгата „Пасивно користење на сончевата енергија во архитектурата“ од д-р Петар Николовски, дипл.инж.арх.
Книгата ја претставува третата компонента од неговата трилогија којашто третира актуелна област како што е одржлива архитектура и градежништво, енергетска ефикасност во висока градба и оптимално користење на обновливи извори на енергија.
Книгата претставува одлично авторско решение од теориски и практичен аспект со анализи за пасивно користење на сончевата енергија во архитектурата.
Кога се спомне користење на сончевата енергија во зградите, најчесто се асоцира на активно користење на сончевите зраци од страна на системи за добивање топла вода или добивање електрична енергија со помош на фотоволтаични панели. Но, другиот потенцијал на сончевата енергија е нејзиното пасивно користење, за што не се потребни технички системи и опрема.
Потребно е само елементарно познавање на основните астрономски параметри на Сонцето и неговото влијание врз Земјата, динамичкото позиционирање на Земјата во однос на Сонцето во текот на целата година, механизмите на делувањето на сончевите зраци, современите материјали, системи и градежни конструкции и технологии за нивна примена, основите на градежна физика за пренесување на топлината со детална анализа на својствата на современите стакло-пакети како еден од суштинските елементи за пасивно користење на сончевата енергија во архитектонското проектирање на одржливи објекти.
Модератор на настанот – Даница Павловска – Циги, дипл.инж.арх.
Главни промотори – Димитар Назарски, проф. д-р. инж. од Универзитетот по архитектура и градежништво во Софија и Ивица Јакимовски, дипл.инж.арх., управител на фирмата „Голден арт“ од Скопје.
Мора да се истакне ангажираноста на фирмата „Голден арт“ во издавањето на втората и третата книга од самата трилогија. Во своето 11 годишно постоење, фирмата „Голден арт“ веќе стана препознатлив градежен бренд по својот квалитет и особено по изведбата на енергетско ефикасни објекти – иднина на станбената градба.