Министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети одржа работна средба со претставниците на граѓанските здруженија и иницијативи кои доставија забелешки до Министерството во однос на предлог Уредбата за дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели. Од страна на невладиниот сектор присуствуваа претставници на граѓанските иницијативи: О2 коалиција за чист воздух, Воздух сега, Ние сме Карпош 4, Стоп на загадувањето, Скопје смог аларм, Спас за Водно, Куманово бара чист воздух, Скопје бара чист воздух, Охрид СОС, како Здружението прва детска амбасада „МЕЃАШИ“, Еколошкото здружение – Движење ЕКО ГЕРИЛА – Тетово, Здружението за развој и активно делување и потикнување на граѓански сектор ЗА НАС СЕ РАБОТИ – Битола и Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н.
Со цел, невладините и јавноста да биде целосно консултирана и вклучена при донесување на овој подзаконски акт и со цел да се добие продуктивен документ со кој ќе се допринесе кон подобро регулирање на квалитетот на воздухот, на граѓанските здруженија им е оставен простор и во наредната недела да достават свои коментари во однос на Уредбата до Министерството за животна средина и просторно планирање.