Во организација на Охрид SOS и ЗУМД ТАКТ првата недела од jули беше одбележана како Еко недела во Охрид преку збир активности и работилници со цел подигнување на еколошката свест кај младите. Општо Македонија сведочи екстремно ниска еколошка свест која резултира со енормно количество на отпадоци кои го нагрдуваат пејзажот, ја загадуваат природата во која живееме, водата која ја пиеме итн. Надлежните органи и институции, особено во помалите градови и населени места, години наназад не можат да го решат проблемот за управување со цврст отпад и отпадни води, што се надеваме набрзо да стане приоритет.
Еко неделата во Охрид опфати запознавање со вредностите на Охридскиот регион, како едно од 35-те светски подрачја со двоен статус на УНЕСКО за светско природно и културно наследство, разговор и дискусија со активистите на граѓанската иницијатива Охрид SOS, дводневна еко патрола по крајбрежјето на езерото и Националниот парк Галичица како и целонеделна работилница за краток филм на тема „Природата ќе најде начин“ (Nature will find a way).
Главни учесници беа млади извидници од Белгија кои со голем ентузијазам сакаа да научат за убавините на Охридското Езеро и да се приклучат кон активностите за негово зачувување. Овие деца од по само 17 години, со својот труд, ангажираност и финални резултати од филмската работилница и покажаа многу високо развиена свест и грижа за заштитата на животната средина. Се надеваме дека преку нивниот глас ќе допреме пошироко до светот, алармирајќи за проблемите со кои се соочува Охридското Езеро, едно од најстарите езера на светот значајно заради разновидниот ендемски свет и исклучителната биолошка разновидност.
Учесниците поделени во три групи во тек на работната недела изработија кратки видеа за кои беа наградени во категориите: најдобра камера, најдобро сценарио и најдобра монтажа.
https://www.youtube.com/watch?v=toSGIr36_yw
https://www.youtube.com/watch?v=xxAzvOKo2YE
https://www.youtube.com/watch?v=OJ-caCjsrSU
Оваа активност беше дел од проектот на Охрид SOS и ЗУМД ТАКТ „На Охрид му требаш“, поддржан од Ад Хок грант на Цивика Мобилитас.