Насловна / Вести / Одржан саем за градежништво BIG 5 во Дубаи

Одржан саем за градежништво BIG 5 во Дубаи

BIG 5 Дубаи – Најголемиот саем за градежништво на Блискиот Исток се одржува секоја година во месец ноември. Оваа година саемот се одржа по 40-ти пат, од 25-ти до 28-ти ноември, на кој  учествуваа 2.507 изложувачи од 66 земји во светот, со вкупен број на посетители – професионалци во градежништвото околу 68.000, од вкупно 134 земји.

Big-5

За големината на овој саем зборува и тоа што овогодинешното јубилејно издание го отворил Неговото Височество шеикот Ахмед бин Саид Ал Мактум – претседател на цивилното воздухопловство во Дубаи, извршен директор и претседател на групацијата „Емирати“, претседател на „Дубаи свет“ и претседател на осигурителната компанија „Нор Такафул“.

Производите што беа опфатени на штандовите на „Big 5“ беа поделени на 6 групи:

  1. Одржливост на објекти и специјални конструкции.
  2. Ентериери и материјали за завршни слоеви.
  3. Градежни технологии и автоматизација на објекти.
  4. Градежни алати и градежни материјали.
  5. Механички, електрични и водоинсталатерски услуги.
  6. Модуларна конструкција.

IMG_8581

Освен овие 6 групи, имаше и други 6 групи кои беа распоредени во халите, како посебни – специјализирани настани и тоа:

– Тhe big 5 Heavy – Машини за тешка индустрија

– Middle east Concrete – Бетонски решенија за Среден Исток

– The Big 5 Solar – Соларна енергија

– Middle East Stone – Мермерни и други камени производи

– Urban design and Landscape – Урбана опрема и партерни решенија

– HVAC R Expo  –  Греење, вентилација и прочистување на воздух (каде беше претставен климатизер/ладилник кој заштедува 80 % од потрошувачката на електрична енергија).

Фирмите кои имаа свои штандови на саемот беа од сите страни на светот, а најголем број на изложувачи имаше од Кина и ОАЕ, потоа Турција, Саудиска Арабија, Германија, Шпанија, Италија (Сицилија), Грција.  Имаше и голем број на изложувачи од САД, Тајланд, Кореа, Катар, Индонезија, Јужна Африка, Белгија.

Единствена македонска фирма која имаше свој штанд на саемот беше фирмата „ЛЕОВ“.

IMG_8668

Саемот се одржува во World Trade Centre – Светски трговски центар, а штандовите на изложувачите беа поделени во 20 хали. По големината која ја зафаќа, саемот може да се спореди со саемот за градежништво BAU во Минхен (кој се одржува секоја втора година), но овде имаше поголем број на изложувачи, на помали и помалку репрезентативни штандови.

Во склоп на саeмот секојдневно се одржуваа презентации, демонстрации на производи и работилници, вкупно 240,  кои се одржуваа во посебни делови од халите, со точно одреден термин и најава за истите. За одреден број на ислушани презентации се доделуваше сертификат. Посебен акцент беше ставен на иднината на градежништвото, проследена преку последните технологии и трендови за проектирање и изведба на објектите, како BIM градежната програма која сè повеќе се користи во градежништвото, потоа 3Д печатењето, роботиката, индустријализираната конструкција и анализата на податоци.

IMG_8663

На секој од четирите саемски денови излегуваше дневен весник „The Big 5 Daily“,  кој содржеше информации за сите настани- презентации и предавања кои се одвиваат во текот на тој ден, како и интервјуа со предавачите и изложувачите. Исто така, саемот има издадено и каталог кој ги содржи сите 2.507 изложувачи со распоред на сите 20 хали.

Сите штандови беа едноставни, најголем број од штандовите беа мали, без иновативни решенија за истите, без многу репрезентативен материјал и мостри, акцентот беше ставен на директна комуникација со одговорните лица на штандовите и брза комуникација преку е-мејл веднаш по остварен контакт на штандот.

Испрати коментар

Scroll To Top