Делегацијата на Европската Унија го одобри проектот за изработка на основен проект за делницата од железничкиот Коридор 8 од Крива Паланка до границата со Република Бугарија, информира Министерството за транспорт и врски.
„За таа намена од страна на Европската Унија се алоцирани 3,5 милиони евра, средства кои претставуваат грант од ИПА компонентата за регионален развој во рамките на Оперативната програма за регионален развој. Во следниот период е предвидено да биде распишан јавен повик и се планира во првата половина од 2015 година да заврши постапката за избор на консултант кој ќе треба да го изработи основниот проект во рок од 20 месеци“, соопшти Министерството за транспорт и врски.
Со изработката на основен проект за оваа делница, се нагласува во соопштението, ќе се заокружи целиот проект за железничкиот Коридор 8, односно железничката пруга кон Бугарија со комплетна проектна документација.
Во моментов се работи на изготвување на основен проект за втората делница од оваа пруга, односно делницата од Бељаковце до Крива Паланка, а во март 2014 започнаа градежните работи на првата делница од Куманово до Бељаковце.