Меѓународната канцеларија за изложби (Bureau International des Expositions – BIE) објави дека Ријад ќе биде домаќин на Светската изложба 2030 година, со оглед на тоа дека во првиот круг го освои потребното двотретинско мнозинство.
Како што соопштија минатата недела од седиштето на BIE во Париз, World Expo 2030 во главниот град на Кралството Саудиска Арабија ќе се одржи во периодот од 1. октомври 2030 година до 31. март 2031 година.
Означувајќи уште една пресвртница за Персискиот залив, по Ехро во Дубаи 2020 година и Светското првенство на ФИФА во Катар во 2022 година, изложбата која се организира секои пет години привлекува милиони посетители и огромни инвестиции, а во Ријад ќе се одржи под темата „Ера на промени: Заедно за предвидлива иднина“.
Саудиската престолнина со 119 гласа победи пред јужнокорејскиот пристанишен град Бусан и Рим, бидејќи Бусан освои 29, а главниот град на Италија 17 гласа, од вкупно 182 членови на BIE, пишува ArchDaily.
Темите на кои им избега победата се „Трансформирање на нашиот свет, навигација кон подобра иднина“, со која се претстави Бусан и „Луѓе и територии: Регенерација, инклузија и иновација“, која беше предложена од Рим како потенцијален организатор.
Ехро 2025 во Осака
Да потсетиме, последната светска изложба, Ехро 2020 во Дубаи, беше со тема „Поврзување умови, создавање на иднината“ и привлече дури 24 милиони посетители.
Следното издание ќе се одржи во јапонскиот град Осака, а е закажано за периодот од 13. април до 13. октомври 2025 година под тема „Дизајнирање на идното општество за нашите животи“.
Како што веќе пишувавме, прославениот јапонски архитект Соу Фуџимото е избран за продуцент на дизајнот на изложбениот простор, преземајќи ја одговорноста за изработка на мастер планот и давајќи им насоки на проектантите од земјите учеснички на Ехро 2025.
Катализатор на напредок и иновации
Со сигурност може да се каже дека низ својата историја, Светските изложби доследно служеле како места за воведување и промоција на нови технологии и производи, катализирајќи го технолошкиот напредок и појавата на иновативни проектантски и дизајнерски решенија.
Светската изложба (World Expo) се одржува од средината на 19. век, под надзор на Меѓународното биро за изложби (Bureau International des Expositions) со седиште во Париз и има 98 земји членки.
Основната идеја на Светската изложба е сите земји да добијат можност на остатокот од светот да му го покажат своето гледиште за одредена тема, а земјите членки да ги организираат своите изложбени простори во посебни павилјони по сопствео убедување.
Во домен на BIE се и Специјализирани изложби, кои се одржуваат еднаш во интервалот помеѓу две светски изложби и траат најмногу до три месеци, а еден од домаќините на следното издание на тој настан ќе биде Србија, од 15, мај до 15. август во 2027 година.