Меѓународната изложба за архитектура во Венеција наместо во мај ќе се одржи во август 2020 година и ќе трае само три месеци.
Организаторите на биеналето соопштија дека изложбата ќе се одржи од 29 август до 29 ноември. Одлуката е донесена во согласност со одлуката на италијанската влада да се намали можноста за проширување на корона вирусот.
“Новите датуми за Биеналето на архитектурата се идентификуваат како резултат на неодамнешните мерки на претпазливост на тема мобилност, преземени од страна на владите во голем број на земји низ целиот свет“, пишува La Biennale di Venezia.
Меѓународната изложба за архитектура требаше да се одржи од 23 мај до 29 ноември, така што наместо седум, ќе трае само три месеци.
Организацијата забележува дека пократко одложување од ова не е можно поради „сложеноста на организациската машинерија“ и можното отсуство на некои од најважните изложувачи.
Очекувањето беше дека овој настан ќе привлече 250 илјади посетители.