Насловна / Вести / Одиме на Марс!

Одиме на Марс!

Иако идејата за колонизација на Марс не е ништо ново, особено изминатава година станува сè поактуелна. Меѓу причините – потенцијалот луѓето да обезбедат потемелни истражувања споредено со беспилотните возила или ровери, економски интерес за ресурсите на црвената планета и можноста дека населувањето на други планети би ја намалило веројатноста за исчезнување на човештвото.

Според славниот Стивен Хокинг, на човештвото му преостануваат само уште 100 години опстанок на Земјата. Соочени со бројни закани, вклучувајќи ги и климатските промени, немаме избор, освен да станеме мултипланетарни суштества, а колонизацијата на Марс би била добар почеток, велеше тој.

Фото 1

Меѓу големите промотори на планот е и Елон Маск, првиот човек на „Спејс Икс“, којшто неколкупати посочи дека ни е потребен „План Б“ во случај на апокалипса, како судир на астероиди, на пример, при што би дошло до целосно уништување на Земјината топка.

Како други фактори за можноста Земјата некогаш да стане неподобна за живот се и зголемувањето на температурите, зголемувањето на нивото на водните површини или поради евентуална глобална нуклеарна војна. Токму затоа, доколку воопшто се случи ваква катаклизма, владиниот и приватниот сектор во неколку земји во светот, градат или поддржуваат изградба на сè поголеми вселенски ракети и го симулираат човечкиот живот на Марс на различни локации на Земјата.

Ова лето ќе бидеме сведоци на обид за голема инвазија на Марс. Три земји: Соединетите Американски Држави, Кина и Обединетите Арапски Емирати, испраќаат беспилотно летало на црвената планета.

Фото 2

НАЈНОВ РОВЕР „ИСТРАЈНОСТ“

Американската мисија „Марс 2020“, дел од програмата на НАСА за истражување на Марс, го нуди својот најнов ровер наречен „Истрајност“. Мисијата се осврнува на клучни прашања на астробиологијата за можноста дека на црвената планета некогаш имало и во иднина може да има живот.

Роверот досега е најголемото, најтешкото и најсофистицираното возило коешто НАСА го испратила на Марс. Една од задачите ќе биде дупчење на строго прецизирани карпи и складирање на примероците во стерилизирани цевки од титаниум. Ова е и прва планетарна мисија за собирање и зачувување на карпестиот материјал и оној од скршени карпи и прашина. Преку последователни мисии, кои НАСА можно е да ги изведе во соработка со Европската вселенска агенција, во рок од 10 години на Марс ќе биде испратено друго вселенско летало кое ќе ги собере примероците и ќе ги врати на Земјата за детална анализа. Воедно, „Истрајност“ ќе се обиде да произведе и кислород од јаглерод диоксидот содржан во тенката атмосфера на Марс, којшто може да се употреби за идните астронаути. Истовремено, ќе се набљудува и што ќе се случи со примероците од материјалот од кој се направени космонаутските одела, за да се види како ќе се справат со суровата околина.

Mars 2020 Spacecraft Mate to Atlas V

ТРИ ЛАНСИРАЊА ВО ИСТО ВРЕМЕ

Трите лансирања ќе се остварат речиси истовремено, и тоа не е случајност. Во период од средина на јули до средина на август, Марс и Земјата се во идеално порамнување на истата страна од Сонцето, што пак го минимизира времето за патување и употребата на гориво. Ваков тајминг се појавува еднаш на секои 26 месеци.

За да се стигне до Марс потребни се минимум седум месеци, така што секое од леталата ќе помине 483 километри, за – ако сè оди по планот – да стигне до целта во февруари, 2021.

Во моментов НАСА на Марс има два ровера, а шест други летала ја истражуваат планетата од орбитата – три американски, две европски и едно од Индија.

Засега САД се единствени со свои возила на црвената планета. Досега се извршени осум лансирања, а првото било во 1976-та година.  Кина во соработка со Русија имаше обид во 2011-та, но заврши неуспешно.

Фото 4

Американската вселенска агенција планира да ги врати астронаутите на Месечината до 2024 година, и во 2030-те, оттаму да ги испрати на Марс. Овие мисии не само што се ризични, туку и скапи. Конкретно за летот на најновиот ровер и минимум двете години планирани за операции, ќе бидат потребни три милијарди долари.

Секако, не се сите согласни дека ова треба да му биде приоритет на човештвото, со оглед на бројните проблеми на Земјата. Тие средства, според неистомислениците, подобро би се искористиле инвестирајќи во обновливи форми на енергија, во предизвиците со глобалното затоплување или во одбранбени механизми во случај на судир на астероиди.

Фото 5

Оттука, бидејќи на Марс засега нема услови за живот, јасно е дека сите аргументи наведуваат дека не сме подготвени да одиме на Марс, барем не сега.

Но, она што е кристално јасно е фактот дека додека работиме на проблемите во единствениот дом што го имаме, особено во овие услови на глобална пандемија, не треба да ја потцениме човековата уникатна улога во истражувањето, со цел да овозможиме постојан напредок на науката и технологијата.

Стратешки, истражувањето на Марс освен економска, значи и политичка доминација, но и подобрување на животот на Земјата. Од практична гледна точка, познато е дека на Марс има копно, атмосфера, мошне разновидна и сложена геологија, исто како и кај Земјата, но има и клима, која со текот на времето се сменила, исто како и кај Земјата.

Пред четири милијарди години, обете планети биле топли, обвиткани со заштитна атмосфера и изгледале како да се изрезбани со реки и предели со вода во течна состојба. Но, денес Марс е озрачена, студена и неплодна пустина обвиткана со густ и отровен слој на јаглерод диоксид. И оттука, таа љубопитност и порив на брилијантните умови да се дознае што се случило во меѓувреме, поставувајќи уште похрабри цели. „Добрата работа за вселената е тоа што ги поставува стандардите многу високо“, велат од НАСА.

Сè на сè, со истражувањата на Марс може да се посегне по бројни клучни прашања во науката за Сончевиот Систем, а оваа своевидна авантура, може само да ја инспирира следната генерација научници и да го збогати човековото знаење.

Лансирањето на роверот „Истрајност“ е планирано за не порано од 30-ти јули и не подоцна од 15-ти август, 2020 година.

Јулија ВЕЛКОВСКА

(Специјално за Порта 3 од Вашингтон)

Испрати коментар

Scroll To Top