Мостот „Крило“, по проектот на Dietmar Feichtiner Architects и Schlaich Bergerman und Partner, го соедини но во стварноста и го раздели островот Мон Сен Мишел (Франција) од копното.
Мон Сен Мишел е остров на северозападниот брег на Франција и една од најпознатите светски културни и природни атракции. Зашеметувачката убавина на пејзажот и единствената и најбрза плима и осека во Европа се магнет за туристите, на островот на средновековната бенедиктинска опатија. Но изградбата на браната со која се поврзува островот со копното, како и браната на устието на реката Куенон во непосредна близина, го доведоа во прашање опстојувањето на споменикот. Тие го задржуваа песокот и тињата, ја зголемуваа висината на морското дно, со што островот се соединува со копното и го губи својот култен статус.
Конкурсот за изработка на деликатното инженерско решение, за да се обезбеди пристап на туристите до островот, е од 2002 год., а градежните активности почнуваат дури во 2011 год.
Наместо браната изградена кон крајот на 19 век, се изведе тенко порозно „крило“ со должина од 1.841 м. Од почеток се движи по должината на брегот, дозволувајќи им на посетителите да уживаат во погледот, а потоа го сече теснецот меѓу островот на Мон Сен Мишел и брегот на Нормандија. Должината на самиот мост е 765 м. Во тек на целата должина, столбовите на мостот се со иста висина и се вклопуваат во хоризонтот без да се нарушува глетката. Во време на плимата тој практично лежи на површината на водата, што значи дека во тој период островот во вистинска смисла на зборот е остров.
Со цел да се олесни природното истекување на песокот и тињата (за да се зачува статусот на островот), беше потребно да се сведе на минимум дебелината на отпорот, за што е создаден сложен конструктивен дизајн. На длабина од околу 30 метри се набиени 67 пара шипови – бетонски пилони со дијаметар од 1,2 м, на кои се потпираат 134 челични носачи со висина од 24,4 см. Секој пар столбови е на растојание од 12 м. Завршната бетонска конструкција е со асфалтна коловозна обработка. Ширината на централниот коловозен дел е 6,5 м, а од страна како балкони се решени пешачката и велосипедската патека. И покрај тоа што структурата на мостот може да издржи товар од 38 тони, дозволен сообраќај е само со шатл автобуси.
Се разбира, конструкцијата на мостот „Крило“ ги обезбедува и сите потребни инсталациони водови за вода, електрика и телекомуникациони врски. Може да се каже дека архитектонско-конструкторскиот тим создал виртуозна конструкција, задоволувајќи ги функционалноста, техничкото совршенство, естетиката и хармонијата со природниот пејзаж.
Мостот е пуштен во употреба во јули 2014 год., а цената на чинење на проектот е околу 37 милиони евра.