Антикорупциската комисија утврди дека Деталниот убранистички план со кој е предвидена изградбата на владина црква на плоштадот Македонија е донесен незаконски. Антикорупциската комисија ги разгледа измените на ДУП “Мал ринг“ и констатира дека при неговото донесување имало низа пропусти бидејќи не се почитувани Законот за урбанистичко и просторно планирање и Законот за Град Скопје. Антикорупционерите не кажаа дали и кога ќе преземат мерки за санкционирање на надлежните од Општина Центар кои ги донесоа измените на ДУП по налог од Владата.
Со новиот план, покрај црква, на просторот меѓу “Сити галери“ и “Далметфу“ на плоштадот, предвидено е во центарот да се постават низа споменици на историски личности, четири скулптури на лавови на мостот “Гоце Делчев“, фонтани и бунари во Вардар, две висококатници покрај Вардар – пред Комерцијална банка и пред МНТ, а се дозволува и поголема катност на постојните објекти.
Планот “Мал ринг“ го оспори и градоначалникот Трифун Костовски. Тој сметаше дека е донесен незаконски бидејќи е во спротивност со Генералниот урбанистички план и поради тоа поведе постапка пред Уставен суд. Од идејата на Владата да гради црква на плоштад се откажа, бидејќи мандатот му истекува и нема време да го организира. Костовски рече дека Уставниот суд се уште не се изјаснил по неговата иницијатива за оценка на уставноста и законитоста на донесувањето на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план “Мал ринг“. “За мене е чудно што Уставниот суд се уште не се изјаснува, а Антикорупциската комисија го чека неговиот став. Не сакам да навлегувам во никакви шпекулации. Како градска администрација, наскоро ќе бараме тоа прашање да се симне од дневен ред, бидејќи не сакаме ниту јавноста, ниту ние како Град, ниту Владата, повеќе да ги продлабочуваме јазовите меѓу нас. Ако Уставниот суд и Антикорупциска сметаат дека тоа е законски, јас ќе ги почитувам тие одлуки“, дециден е Костовски. Од Уставниот суд велат дека рокот за нивното првично изнесување на седница по иницијативата е од три до шест месеци.
Архитектите се единствени кога е во прашање незаконскиот начин на кој политичкиот врв сака да ја протурка изградбата на црквата. Тие сметаа дека иницијативата на Владата е нелегитимна и беспредметна, зашто не ја поминала долгата и сложена законска процедура за спроведување, формирање и стручно-демократско преиспитување на условите за нејзино градење. Граѓаните потпишуваа и интернет-петиција против изградбата на сакралниот објект на веб-страницата www.petitiononline.com. Но, и покрај тоа, Министерството за култура распиша меѓународен конкурс, а Општина Центар, маркичката за црквата ја вметна во измените и дополнувањата на ДУП “Мал ринг“. Избран е и трудот според кој ќе се гради црквата. Црквата на плоштадот Македонија ќе се гради според третонаградениот труд на архитектите Искра Атанасова и Владимир Лековски. Максимална висина на црквата, која е дозволена со ДУП, е 29 метри, а камбанаријата на црквата ќе биде висока 50 метри.
Т.Г.
Објавено во број 91.