Дизајнот на мебел се движи во различна насока од дизајнот на облека. Луѓето сакаат нивниот мебел да трае, а уште поважно, малку од нив сакаат да го третираат својот мебел како модно влијание на тренд. Затоа тој не е резултат на промена на вкус, туку одговор на нови потреби на потрошувачите. Иновативноста и развојот на овој дизајн е секогаш присутен, и затоа е тешко да се одредат нејзините можни граници.
Во оваа индустрија многу работи зависат од брендовите, а не од дизајнерите. Моросо, на пример, е познат по употребата на многу боја, шари и текстура, за разлика од минималистичкиот бренд на Миноти. Во таа смисла, паралелното постоење на различни развојни линии и дизајнери е она што ја дефинира денешната потреба од индустријата за мебел. Современиот мебел се стреми кон иновативност во дизајнот, што произлегува од формата и функцијата. Како додаток на тоа, висококвалитетните материјали и изработка со софистициран детаљ се есенцијални за креирање на неговите искрени вредности.
Морфоза
Функционалноста е најважната потреба на современиот мебел. Како резултат на тоа, поголем дел од мебелот станува лесно мобилен, модуларно склоплив и со променлива димензија. Артикулирачки ѕидови, врати или осветлување резултираат во флексибилен синергетски систем со униформна појава и технички перформаси. Ваквиот дизајн ја истражува формата во состојба на нејзиното настанување во мебел со повеќезначен, променлив идентитет. Опрема со различна функција, невообичаени групирања и движења се трансформира според потребите на просторот.
Софата што ја дизајнира Филип Нигро за салонот Ligne Roset, нуди необичен склоп преку слобода на движење и спојување, и допадливост преку разнобојност и непредвидливи композиции. Како примери за модуларна манипулација се и полица за книги на Реинер де Јонг, изведена од ламелирано дрво во форма која овозможува расклопување на системот според потребите, или монолитната дрвената комода на дизајнерот Мартин Симер, која се трансформира во осум поврзани модули од ниши, полици и фиоки. Системот "Т45" на дизајнерот Хенк Вос е изведен од пет скулптурални модули, кои можат да се користат за седење или како маси, а составени да оформат параван. Сè поприсутен е и мебелот изведен од природни материјали, кој се отклопува со систем на "оригами" превиткување. Такви се столот "Д" на дизајнерките од студиото "Ко-Ко" или масата дизајнирана од Сана Линдстром.
Зелен Дизајн
Без разлика колку идеолошки и инвазивно настапува, "зеленото клише" навлегува во јавната свест за промена на пристапот кон дизајнот на опрема. Означен како еколошки или самоодржлив преку користење на биорегионален или рециклирачки материјал, овој се помалку аскетски и хуман дизајн е се поприсутен во индустријата за производство на мебел. Освен употребата на природни материјали, поголемо внимание се обрнува кон можноста за реупотреба или репарација на сите делови од мебелот што се произведува. Дизајнерите Плантан и Зупанк креираат столица од рециклирана хартија и пластика, чии извиени елементи се споени со употреба на остатоци од пластични шишиња.
Јапонскиот дизајнер Руиџи Накамура тоа го прави со плетење на столица од ламинатна пластика, која се состои само од целулоза. Компонирана само од рециклирана пластика и хартија, Шигеру Бан дизајнира мебел за минималистички ориентираната финска компанија "Артек". Овој јапонски дизајнер креира модуларен систем, заснован на елементи со аголна форма, кој може да се комбинираат за да оформат столица, клупа или маса. Највпечатливи парчиња мебел од оваа категорија се оние кои се изведуваат со реупотреба на дрво и кои не користат штетни хемикалии за нивно производство. Пример за рециклирање на дрво е дизајнот наречен Bricolle Venezia – проект за компанијата за мебел од Милано – Рива 1920, на кој учествуваат 18 дизајнери и архитекти. Мебелот е конструиран од уникатни парчиња на брикола – столбови од даб, кои се земени од водите на Венеција. Еродирани и со јака текстура, овие парчиња дрво се трансформирани во објекти на уметност и употреба.
Текстилна кожа
"Еластично парче на материјал кој обично се користи за облека, сега може да се употреби за правење ламба", пишува Бруно Мунари во публикацијата "Проектна методологија" од 1981 година. Примерот со референца за неговата Фалкланд висечка ламба, која ја дизајнирал во 1964 година и која сè уште се произведува, припаѓа на категоријата рефлексија кон рециклирање. Со оглед на неколку последни дизајнерски проекти, ова може да стане пример за трансформација на мебел и можност за употреба на текстил како флексибилна кожа за формирање на истиот. Текстилот разбран не само како облога, станува структурална форма; мембрана за креирање на профили или создава кројачки, меки ефекти за да се истакне декоративната страна.
Серијата Spaciale на дизајнерите Лавекија и Ваи, се директни наследници на Фалкланд моделот. Скелетот е метална структура, додека телото е изведено од еластичен текстил во тензија. Страните што се деформираат за да се приспособат на содржината, дозволуваат и зголемен капацитет. Француските дизајнери Ронан и Ерван Буролек, за текстилната компанија "Квадрат", дизајнираат модуларен систем, кој служи како преграда помеѓу простории. "Облаците" се составени од триаголни парчиња текстил кои се врзани со еластични споеви во слободносоечки или висечки структури. Освен преградување на простори, оваа структура воедно и апсорбира звук. Декоративната употреба на текстилот добива нова структура во дизајнот за столот "Паун" на Дрор за компанијата Capellini. Материјалот е внимателно здиплен за да креира волумен и органско-скулптурални квалитети. Изборот на бои и "опашката" на задниот дел од столот се инспирирани од природата на паунот.
Нови дрвени креации
Како продолжение на употребата на природни материјали, дизајнот на мебел пристапува кон поиновативна обработката на дрвото. Новите тенденции се невообичаен спој на индустриски дизајн и прецизно занаетчиство. Со модерни облоги или технолошки контролиран мебел, па се до грубите текстури на рециклираното дрво, овие парчиња се блиски до поетиката на objet trouvé. Уникатната дизајнирана клупа ПОХ на дизајнерот Рафаел Наво е составена од нови и стари парчиња дрво, според компјутерски генерирана шема која ја сече формата во три димензии. Комодите добиваат различни текстури и обработка во повеќе видови на дрво, за да се долови тродимензионален ефект.
Примери за вакви креации се комодата Inlay на компанијата Porro, со четири тона на дабово дрво или комодта на Leif de park за компанијата De la Espada. Дизајнерската филозофија на компанијата Autoban зборува за висок квалитет на изработка на мебел во спој со креативен талент на глобалната дизајнерска сцена. Комбинацијата на традиционални елементи со современи детали ѝ дава на нивната последна колекција наративен квалитет со многу особен карактер. Иновацијата во дизајнот отсекогаш била поврзувана со индустрискиот прогрес, но овој термин сè повеќе се поврзува со вредности, какви што се самоодржливоста и со нешто што луѓето го сметаат за интелигентно или отвора нови можности за употребливост. Едноставно речено, идејата за иновација се менува. Според мене, таа е тесно врзана со потребите на луѓето, и начинот на кој ги употребуваме работите. Затоа се отвора прашањето – дали дизајнот е релевантен? Дали убава столица може да допре повеќе од нејзината употребливост и да стане нешто повеќе од убаво и удобно? Дали убав внатрешен простор може да допре до нас и да нè насочи кон идни дизајнерски пристапи на позитивен начин. Одговорот е да, понекогаш. Кога тие се вистински полни со значење. Кој и да е дизајнер кој може да ни презентира длабоко, трансформирачко искуство или долготраен и удобен елемент на познатост, придонесува нешто кон светот. Останува до нас, корисниците, да отфрлиме се што е помалку од тоа.
Бојана ФилиповиЌ, дипл.инж.арх.