Каква е врската помеѓу архитектурата и
модата, односно дали модата може да
се сфати како архитектура, истражува
младата архитектка Александра
Шекутковска во своите уникатни
парчиња накит кој го изработува со помош
на ласер. Со многу фантазија и страст оваа
поп-уметница зачекорува во светот на модата
сметајќи дека нејзината врска со архитектурата
не е само посредна,
зашто и двете се базираат
на структурата и на формата, на разубавување
на она што не опкружува во секојдневниот живот.
Накитот на оваа вљубеничка во уметноста е
од плексиглас во различни бои, а процесот
на трансформација на парчето пластика
во убав украс почнува со рачно изработена
скица на хартија. Потоа цртежот се пренесува
на компјутер, по што, како што вели, следува
најлесниот дел, ласерското сечење на
плексигласот што трае околу еден час.
Шекутковска смета дека секој прстен, ѓердан,
обетки, брош, кој го креира има своја приказна,
па не е важно со каква облека ќе се комбинира,
туку е важна приказната што се сака да се
раскаже кога се носи.
Идејата да дизајнира накит дошла спонтано,
пред неколку месеци и на оваа работа таа
гледа како на своевиден експеримент во
архитектурата, зашто ласерки исечениот
накит во себе го содржи нејзиниот јазик. Една
колекција на оваа млада архитектка е веќе
распродадена, а голем е интересот и за
втората насловена како “Позитив. Негатив.
Идеограм”, што беше изложена во Културниот
центар во Скопје, а потоа и во концептуалната
продавница “Лудус”. Со својот накит учествувала
на манифестацијата “Мода за носење” во
Белград и на работилница во Хрватска наречена
“Архитектура и мода”, каде што како архитект
имала можност и задача да се изрази преку
моден проект.
Светлана ВУКЧЕВИЌ