Во јадрото на најстарата урбана целина во градот, Дебар Маало, на аголот што ги спојува улиците "Ленинова" и "Илинденска", се наоѓа неодамна отвореното архитектонско концепт студио + продавница за мебел и осветлување Smart Living.
Се работи за објект, прв од овој тип во Македонија. Сопственици на ова концепт студио + продавница се брачниот пар Бојана и Иван Мирковски, кои архитектонското образование го имаат стекнато во Рим и Виена. Бојана е магистер со завршени мастер студии за осветлување и проектирање, додека Иван е урбанист и проектант.
Иновативноста на Smart Living е во инкорпорирањето на повеќе архитектонски аспекти во една целина, односно пакет од решенија за проектирање, изградба и целосно опремување на еден дом. Станува збор за системот "паметна куќа" (smart house) веќе применет во архитектонското концепт студио, кој го автоматизира целокупниот простор за живеење.
Преку еден далечински управувач се контролираат сите електични уреди во домот, почнувајќи од светлечките тела, греењето, ладењето, работата на бојлерот, кујнските апарати итн. Уникатниот пристап на ова концепт студио, освен во апсолутната функционалност и рационална идеја, се бележи и во архитектонскиот и естетскиот израз на просторот во кој егзистира. Во конвенционалниот и едноличен уличен фронт, Smart Living е урбана видео проекција на поп- арт и уникатни парчиња мебел. Пристапот до локалот, издигнат на високо приземје, е овозможен преку метални скалила во црна боја, со асиметричен скулптурален облик.
Студиото е составено од две функционални целини, изложбен дел и проектантско (оперативно) катче. Јадрото на ова студио е токму оперативното катче, простор од 12м², во кој се артикулирани монохроматски линиски површини и прочистени форми во манирот на јапонската современа архитектура.
Подот е обложен со имитација на тревна површина, која создава пријатна атмосфера за вработените, и за клиентите што се интегрираат во конципирањето на архитектонскиот израз на еден дом. Централна позиција во ова катче зазема белата квадратна маса со три работни места. Просторот за складирање на работни материјали и стручна литература е интегриран и успешно затскриен во рамки на ѕидната површина, зад линиските панели кои наизменично се јавуваат во црна, бела и натур боја со текстура на OSB плоча.
Оперативниот простор функционира како стаклена кутија, визуелно поврзана во два правци со изложбениот дел.
Преку стаклените површини кои овозможуваат транспарентност кон конципирањето на интелигентни простори за живеење, се негираат конвенционалните физички бариери.
Непостоењето на цврста граница помеѓу овие две функционални целини доведува до нивна меѓусебна припадност, така што добиваме чувство дека изложбениот простор го обвиткува оперативниот во цврста прегратка.
Софистицираниот дизајнерски мебел со потекло од Италија, бројните аксесоари за домот како и специфичните парчиња мебел, кои се вон сериска продажба, умешно го пронашле своето место при конципирањето на изложбена поставка. Во првиот дел од изложбениот простор ѕидната површина во три појаси е исполнета со увозни дизајнерски столици, додека во останатиот дел од овој простор, кој се развива во Г форма, се изложени уникатните парчиња мебел на Бојана и Иван, реализирани во дрво.
Како најспецифичен обликуван елемент во внатрешното уредување и адаптирање на овој локал за потребите на архитектонското концепт студио + продавница, се издвојува таванската конструкција. Имајќи предвид дека се работи за постар објект изведен со ситноребреста меѓукатна конструкција, Бојана и Иван се решиле таа карактеристика да ја вметнат во естетскиот израз на просторот. Имено, оваа одлука на соголување и искрено прикажување на конструкцијата, сосема одговара на транспарентноста и непосредноста со клиентите, што тие ја остваруваат преку концептот на стаклена проектантска кутија.
(Авторките се студенти на Архитектонски факултет, Скопје)
Андреа Јамакоска и
Анастасија Николовска