Во Музејот на современа уметност на Војводина во Нови Сад, во петокот на 3. ноември се одржа промоција на книгата SHAPING REVOLUTIONARY MEMORY: The Production of Monuments in Socialist Yugoslavia, издадена оваа година од издавачите Igor Zabel Association for Culture and Theory Теорија од Љубљана и Archive Books од Берлин.
Промоцијата се одржа како дел од националната научна конференција со меѓународно учество насловена Споменична скулптура посветена на НОБ во Југославија, а публикацијата ја претставија Сања Хорватинчиќ (Институт за историја на уметност, Загреб0 и д-р Бети Жеровц (Филозофски факултет, Универзитет Љубљана).
Од занемарување и физичко уништување до глобална слава
Како што е наведено, публикацијата претставува сеопфатен преглед на огромната продукција на споменици во социјалистичка Југославија (1945–1991) посветени на антифашистичката Народноослободителна борба во Втората светска војна и социјалистичката револуција.
„Од распадот на Југославија во 1990-тите, овие споменици беа предмет на различни судбини, од занемарување и физичко уништување до глобална слава генерирана од високомодернистичката визуелна привлечност на голем број од нив. Но, целиот опсег, широката разновидност и сложениот контекст на југословенското монументално творештво, вклучително и неговите различни противречности, останаа во голема мера неистражени“, велат организаторите.
Книгата нуди темелно и интердисциплинарно истражување на овој феномен и богат визуелен материјал за испитување на неговите клучни карактеристики и специфичности:
Кои меморијални практики и комеморативни традиции му претходеле на развојот на спомениците во социјализмот?
Кој ги нарачал овие споменици и како југословенската културна политика и политика на сеќавање влијаеле на нивното производство?
Кои биле нивните автори и што ги дефинирало нивните формални и типолошки карактеристики?
Како југословенската споменична продукција била поврзана со компаративните напори во странство?
Какви комеморативни практики се развиле околу спомениците?
Како денес се оценува и се прифаќа ова наследство, како во постјугословенските држави наследнички, така и на меѓународно ниво?