Градот Скопје информира дека во согласност со податоците од Министерството за животна средина и просторно планирање, коешто е надлежно за следење на квалитетот на воздухот, среднодневните концентрации на ПМ10 се под дефинираниот праг и епизодата од десет последователни дена е прекината.
„Поради тоа, од утре се укинуваат воведените мерки за бесплатен превоз за сите граѓани и ослободувањето од работа за вработените во Град Скопје и во јавните градски претпријатија над 60-годишна возраст со хронични заболувања, како и бремените жени“, се наведува во соопштението.
Градот Скопје веи дека ќе продолжи интензивна контрола на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината, ќе продолжи со интензивното миење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и ќе го продолжи интензивниот инспекциски надзор над инсталациите што се во негова надлежност.
Инаку, утрово Мерната станица во Центар покажа 40 микрограми ПМ10-честички на еден кубен метар, што е за 10 микрограми помалку од дозволената граница од 50 микрограми. Во Лисиче измерени се 100 микрограми што е двапати повеќе од дозволената граница, во Карпош мерната станица покажува 30 микрограми, во Гази Баба – 20 микрограми, а мерната станица кај Ректорат утринава измерила 60 микрограми ПМ10-честички на еден кубен метар.