Насловна / Архитектура / Од утре мораториум на 31 ДУП во Центар

Од утре мораториум на 31 ДУП во Центар

Советот на Општина Центар утре ќе одлучува и гласа за одлуката за запирање на спроведувањето на 31 детален урбанистички план.
Одлуката ја предлага градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ. Со неа мораториумот се продолжува за уште два месеца бидејќи, како што стои во образложението, зададениот период е краток за да се направи анализа на Деталните урбанистички планови и да се овозможи законитост во постапувањето, правна сигурност на жителите на општина Центар, а особено поради неопходната потреба за усогласување на планската документација со законските обврски и фактичката состојба.

1
„Дуповите коишто се донесени главно во времето кога со општината раководеше Владимир Тодоровиќ од ВМРО-ДПМНЕ, и дел од нив се носеа во ноќните часови, не се целосно изработени според законските обврски и правила и се појавуваат недостатоци во урбанистичко-планската документација која не е во согласност со Генералниот урбанистички план. Дел од плановите се стари и планскиот период за кои се донесени е изминат“, велат од Општина Центар.
Голем проблем, велат од таму, е што се водело главно грижа за потребите на одделни моќници, а не се водело сметка за хуманиот аспект на живеење: зеленило, паркинг, изградба на неопходни јавни, образовни и културни установи.
„Рационалното уредување, услови за хумано живеење, надминувањето на урбаните бариери на лица со попреченост, заштита и унапредување на животната средина, а особено вклучување на јавноста во постапката за донесување на планската документација ќе бидат основни принципи по кои ќе постапува општина Центар при изготвување на новите Детални урбанистички планови“, истакнуваат од Општината.
Со одлуката се запираат постапките за издавање одобренија за подготвителни работи и постапките за издавање одобренија за градење. Сите почнати постапки пред донесување на одлуката за мораториум продолжуваат.
„Тоа беше случај и со предметот што предизвика интерес во јавноста и беше коментиран во одредени медиуми. Целата постапка за објектот од ДУП Градска четврт Маџир Маало е почната на 25.07.2016 година, а барањето за одобрување за градење е од ноември 2017. Одлуката за мораториум на сила стапи на 28.12.2017. Сите почнати постапки пред мораториумот според одлуката продолжуваат да се реализираат по условите кои важат пред носењето на мораториумот“, појаснуваат од Општината.

(Makfax)

Испрати коментар

Scroll To Top