Проект наречен „If Factory“ ја претвора старата фабрика во Кина во деловна зграда со кровна градина. Објектот ќе опфати 11 илјади квадратни метри во рамките на историското село Нантоу во Шенжен. Проектот е на холандската компанија MVRDV.
MVRDV основната конструкција на зградата ќе ја остави во оригинална форма со бетон. Ќе се додадат стаклени ѕидови, како и балкони и жардинери со зеленило со цел да се омекне „суровиот“ изглед на бетонската конструкција. Важен додаток се новите скали што ќе бидат поставени во централниот дел на зградата. Тие ќе им помогнат на посетителите да се искачат на покривот додека минуваат покрај канцелариите на вработените што се наоѓаат во стаклото.
Зградата се карактеризира со бетон и стакло, додека скалите покриени со дрво се издвојуваат од таа симбиоза, која се пробива низ зградата од приземјето до покривот, а во еден дел од четвртиот кат извираат од фасадата. Прозорците вградени во скалите овозможуваат преглед на канцелариите во кои вработените ја вршат својата работа, осигурувајќи дека овој креативен центар делува транспарентно и ги поврзува сите што работат таму со животот во Нантоу. Во рамките на скалите, стаклените огледала и живописните неонски знаци потсетуваат на раните денови на урбанизацијата на Шенжен.
На кровот ќе има градина што ќе вклучува лавиринт од бамбус поделен на делови, како што се подиум за танцување, простор за јадење, агол за читање и други места за опуштање и дружење.
Сè уште не е познато кога ќе се реализира проектот. Работите се во тек, а зградата е покриена со платно што покажува како ќе изгледа на крајот.