Споменикот на слободата во Кочани е свечено отворен во 1981 година во чест на 40-годишниот јубилеј од НОБ и претставува монументално дело на уметникот Глигор Чемерски и на архитектот Радован Раѓеновиќ. Проектот е првонаградено уметничко и архитектонско решение на југословенски конкурс распишан во 1979 година на кој учествувале 50-тина југословенски автори. Меморијалниот комплекс е сместен на северозападната страна на Кочани. Единството на архитектурата, скулптурата и сликарството се насетува уште од подножјето на ридот Локубија каде се наоѓа „Слободата“. Оддалеку можат да се видат фрагменти на живописните мозаични решенија распослани по внимателно осмислените и обликувани ѕидови од армиранобетонски платна.
Насловот на конкурсот бил „Споменик на револуцијата“, но двајцата автори, како и сите луѓе со интегритет, секогаш се подотвени за секој и најсуптилен демарш каков што е и споменикот во Кочани. Така и е создаден „СПОМЕНИКОТ НА СЛОБОДАТА“, зашто според авторите конкурсниот насловот бил тесен. „Од слободата повисоко сонце и онака не постои“, умееја да кажат.
Во овој споменичен комплекс, архитектурата, скулптурата и сликарството се преплетуваат во една целина.
Споменикот просторно е конципиран како комплексна структура, односно основната идеја е општата конфигурација на споменикот да претставува меморијален храм, интегриран во единствена архитектонско-ликовна творба, а на десетте монументални мозаични фризови синтетизирано е претставена борбата на македонскиот народ за слобода и антифашистичката борба во спомен на жртвите на Втората светска војна. Покрај нагласениот меморијален карактер и уметничките содржини, споменикот има и употребна вредност со изградената амфитеатрална сцена и гледалиште.
Основата на споменикот потсетува на базилика оформена од серија бетонски ѕидови во форми на делови од круг, проектирани од Радован Раѓеновиќ, кои наведуваат кон и го обликуваат централниот амфитеатар. Потоа, на овие ѕидови на базиликата, уметникот Глигор Чемерски создава огромен сет на мозаци кои ги прикажуваат историските борби на македонскиот народ, особено онаа најсветата, антифашистичкатa. Мозаикот зафаќа површина од над 330 квадратни метри, што го прави еден од најголемите во Македонија.
„Споменикот на слободата“ во Кочани бил дочекан со исклучително внимание, да не речам со восхит. Од Скопје (Борис Петковски), преку Белград (Стеван Станиќ, Богдан Богдановиќ, Тодор Стевановиќ), во Ликовната енциклопедија, до Загреб, каде што Општата енциклопедија (чиј уредник беше Мирослав Крлежа) му посветиле видно место. Па така архитектот Богдан Богдановиќ, значаен неимар на меморијалната архитектура во чест на жртвите на фашизмот, за споменикот во Кочани ќе каже: „Во време кога во Европа и во Југославија се сметало дека сè е кажано на темата монументални споменици, во Кочани се покажани нови иницијации кои монументалното творештво го врзуваат за антиката, пред антиката и за нашата современост и во него препознаваат не само сегашност туку и иднина. Мајсторе сега си протомајстор.“
Помнењето е значајно за човекот, за неговиот развој и идентитет. Помнењето е способност да се сочува, задржи, а потоа и повика информација. Тоа е тесно поврзано со учењето, без помнење учењето не би имало смисла, бидејќи меморијата е место каде се чуваат информации. Зборот меморијал потекнува од помнење, а ваков еден меморијал, почитуван и значаен, беше речиси избришан од помнењето, препуштен на забот на времето, беше заборавен. Запуштеноста на овој споменик, а и на останатите споменици, особено оние кои ја слават антифашистичката борба, претставува бришење на меморијата или неукост, а тоа следствено значи дека нам помнење не ни е потребно бидејќи не учиме. Ова за мене е поразително, ова значи запоставување на самите себе си. Чувството е многу лошо, а добрата вест е дека многу луѓе се чувствуваат слично, што значи дека има надеж. Впорочем успешната конзервација и реставрација на споменикот во Кочани тоа го покажа и претставува значаен поттик дека може и дека мора да се реставрираат и останатите споменици.
А сè започна пред повеќе од шест години со личен ентузијазам на Рајна и на Елена Чемерски (сопруга и ќерка на Глигор Чемерски). Двете вљубени во споменикот, едната прагматична и умешна во бирократските и административни лавиринти, другата младешки еуфорична и романтична и сликарка. Патот кој мораше да се изоди бараше и архитекти, па природно ги донесе до децата на Радован Раѓеновиќ, до мене и до мојот брат, а во целата приказна ни се приклучи и Цветанка Хаџи Пецова, архитект конзерватор. Секако дека тука се и останатите соработници кои неуморно работеа на реставрација на мозиците предводени од Владимир Симеонов. Така се тргна по патот, по кој поретко се оди, за да се стигне до крајната цел, и вредеше.
Рајна успеа да обезбеди финансиски средства од Амбасадата на САД (од Амбасадорскиот фонд за културното наследство). Конзерваторските истражувања на постојната состојба констатираа оштетувања на споменикот што во најголем дел се должи на негова крајна запуштеност и неводење елементарна грижа за негово одржување и чување. Армиранобетонските ѕидни платна кои претставуваат главни конструктивни носачи на мозаичните фризови беа во релативно добра состојба, додека мермерот со кој беа обложени гледалиштето и амфитеатарот беше со висок степен на руинираност и деградација на мермерните елементи, а исто така имаше и висок степен на деградираност и неупотребливост на пристапните, свечени скали. Амфитеатралната бетонска школка која ја дефинира геометријата и ги формира скалниците, односно местата за седење имаше сериозни оштетувања – изразена ерозија /нагризеност на бетонот на подолги потези. И подното поплочување од травертин плочи на вестибилот беше во лоша состојба, а на места имаше и дополнителни несоодветни интервенции.
Состојбата на мозаичните фризови беше лоша, имаше бројни механички и хемиски оштетувања. Од механичките оштетувања, најзабележителни беа оние предизвикани од вандализам, насилно вадење на венецијанските смалти, истурена боја и испишани графити врз површината на мозаиците и на бетонските ѕидови. Опшивките на релјефниот дел на мозаикот беа испукани, понираше вода и се создаваше мраз.
Поради сè наведено за состојбата на споменикот, тргнавме на патешествие со идеја да пробаме, несигурни дека ќе стигнеме до крајната цел – да се санира споменикот, а притоа целосно да се запази архитектонскиот концепт и да се реставрираат мозаичните фризови. Водени од упорноста на Рајна и од восхитот на Елена, упаѓавме во замки, доаѓавме до ѕид (но не се удиравме), кога сè беше на дофат и кога ќе помислевме дека ќе се обезбедат средства работите подзабавуваа и таман кога помислувавме дека никогаш нема да успееме, грантот се одобри. Но, и тогаш не беше сè готово, дури тогаш отпочнува вистинската работа, а почнува и втората тура администрација по локалните ходници. За архитектите е најлесно кога проектот конечно ќе почне, а за мозаичарите кога вредно си мајсторуваат над мозаиците. Но важно е дека имаше смисла, што би се рекло без црната белата не би вредела, и вредеше. Вреди за татко ми, за Гиче, за мене, за брат ми Ненад, вреди за моите братучеди Филип и Огнен, за Рајна, за Елена. И да, во ова има многу лично, тоа право никој не може да ми го одземе, бидејќи е мое, наше. Но затоа што е многу големо и многу вредно има за сите. Ова сизифовска работа да се успее да се возобнови слободата вреди за сите нас. Важно е за Кочани, за неговите жители, припаѓа на целата држава, а значајно е и за идните генерации, исто како што им значи на претходните.
За да не испадне дека сум патетична да појаснам зошто е важно. Прво е односот кон културното наследство во државава, кој мора да признаеме не ни е на завидно ниво, а овој пример охрабрува затоа што покажува дека можеме да ги заштитиме спомениците. Второ, денешните власти и не ги гледаат спомениците направени во спомен на жртвите на Втората светска војна и на антифашистичката борба, затоа што всушност не знаат што со нив, не се вклопуваат во нивниот политички наратив и патот на политичката определба, остануваат настрана. Понатаму, спомениците кои се градат денес се уметнички далеку зад овој споменик и зад останатите споменици од тој период. Бројни денешни споменици насила се вкалапени во рамки на национален идентитет, а националните стратегии често посегнуваат по амнезија, и уште полошо по историски фалсификати, а се пропушта вистинското вреднување на уметничките изрази на спомениците направени во втората половина на 20 век, преку нивна вистинска заштита и ревитализација, па така штетата е направена на два начина.
Архитектурата и уметноста од периодот 1945 – 1990 изобилуваат со смелост и извонредност, а споменикот во Кочани е најдиректен пример. Занемарувајќи го, ѝ ја одземаме на нашата култура токму таа извонредност и смелост, потребна и како меморија и како водилка.
Споменикот на слободата е создаден на линија на модернистичката идеја на синтеза на архитектурата и уметноста. Концептот на споменикот делува како предвесник на слични land-art проекти.
Споменикот всушност претставува црква без кров, под отворено небо каде секој може да му се моли на својот Бог, да го доживее просторот како храм, место отворено за сите, каде луѓето престојуваат заедно, опкружени со игра на светлина која продира меѓу ѕидовите и се прекршува од белиот мермер. Од едната страна на амфитеатарот е гледалиштето, а на спротивната е затворен со полукружен олтар, ѕид висок седум метри каде централно на врвот е поставен мозаикот „Жена на победата“ која претставува божествено олицетворение на вечна слобода. Исто како „Мајката татковина“ во Волгоград или Ника од Самотраки, трите победнички со раширени раце, икони на победничкиот дух. Сцената е жива и драматична, жената е најголемиот и најдоминантниот лик на споменикот. Прикажана е со голи гради, раширени раце, држи лелеави црвени и сини траки или можеби меч како мајката од Волгоград, лебди над просторот и опоменува дека борбата за слобода е вечна.
Татко ми често знаеше да каже дека споменикот се вика „Слобода“, а не Споменик на слободата. Тој до крај веруваше во борбата за слобода, за него антифашистичката борба беше света. Наследството што ни го остави и духот во кој нè воспитуваше е да веруваме во овие идеали и никогаш да не се откажуваме од антифашистичката борба. Денес се покажа дека бил во право повеќе од кога било. Затоа пораката што како пророштво ја пренесува споменикот е истата онаа во која тој веруваше. Кај вистинските творци невозможно е да биде различно, неискреноста брзо се препознава. А во светло на актуелните случувања во светот и денешната ревизија на историјата е уште позначајна. Пораката и опоменува и укажува дека слободата не е една и единствена и загарантирана, таа е збир на повеќе мали слободи, дека слободата се брани, ако не успееме да ја одбраниме тогаш ќе нè нема. За мене многу мудро и филозофски за творци кои кога го создавале делото биле млади, на своја читириесетгодишна возраст, но ја наследиле свеста и ја почитувале пораката пренесена од нивните предци и доследно ја спровеле.
Сега споменикот е реновиран, блесна во нов сјај и мора многу да се внимава. Она што го разговаравме со Општина Кочани е да вложи максимален напор за да не дојде до повторна девастација. Споменикот има неверојатен потенцијал, има своја намена како место за спонтани средби, место каде можат да се организираат настани, место каде се слави животот и слободата. Споменикот мора да биде место присутно во секојдневниот живот на граѓаните. Тоа ќе се случи ако општината организира настани од различен вид, луѓето ќе доаѓаат, ќе ги почувствуваат благодатите на овој простор, ќе ја осетат и неговата употребна вредност, блиску ќе се поврзат и со објектот и меѓу себе, така ќе се подигне и свеста, луѓето ќе го почувствуваат како нешто свое, и самите ќе го пазат и негуваат.
* * * * *
Реставрацијата на „Споменикот на слободата“ во Кочани е реализирана со средства од Фондот за заштита на културното наследство на Американската амбасада, носител на грантот е Општина Кочани, проектен координатор Рајна Чемерска.
Проектот за конзервација, реставрација и санација на архитектурата и партерното уредување на заштитеното недвижно добро „Споменик на слободата“ – Кочани е изработен од архитект, конзерватор, м-р Цветанка Хаџи Пецова од НУ Национален конзерваторски центар – Скопје и од архитектите од бирото „Студио Р“, Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ и Ненад Раѓеновиќ.
Во изработка на проектот за мозаиците и нивна санација учествуваа: уметниците Владимир Симеонов, Елена Чемерска, Драган Верговски-Алпи, Никола Кекеновски и Тоше Пешовски.
Во делот на стручниот надзор, професионалните работи ги вршеше Заводот за заштита на спомениците на културата и Музејот од Штип.
Изведувач на работите е компанијата „Исток мермер“ од Кочани.
Автор: Сања РАЃЕНОВИЌ-ЈОВАНОВИЌ, дипл. инж. арх.