Од 1 септември во автобусите на ЈСП „Скопје“ треба да започне целосна замена на хартиените билети со електронски картички. Истовремено и во приватните автобуси ќе почне да се користи новиот систем на наплата, што значи билетот од 25 ќе се качи на 35 денари – цена која ќе важи за сите автобуси во Скопје.
Патниците што нема да извадат електронска картичка, сепак ќе може да платат кај возачот, но тој нема да дава билети како досегашните, туку ќе издава фискална сметка.
Постојат два вида картички – „скопска“ и „моја скопска“ или персонализирана, која е замена за слободната карта. Изработката чини 200 денари, а изработката на обичната „скопска“ е 150 денари.
Очекувањата на ЈСП се дека со новиот систем со „паметни“ билети би се скратило времето на влегување на патниците во автобусите. Исто така, би се намалил обемот на работа на возачите на автобусите, кои покрај основната дејност мораат да продаваат и билети.