Со почетокот на пролетта ќе почне изградбата и на новиот булевар кој ќе поминува низ населбата Ќерамидница и за кој, како што најави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, проектирањето е завршено и исцртана е трасата каде ќе минува.
“Отворањето на понудите за избор на најповолен понудувач на градежните активности е закажано на 14 февруари годинава. Со тоа ќе биде комплетирана првата фаза. Почнавме со експропријација и повеќе од 30 отсто од трасата на која треба да поминува новиот булевар во делот кај скопско Сајмиште е веќе расчистено. Очекувам дека ќе влеземе интензивно во експропријација и онака како што го најавив проектот за времетраење, очекувам дека ќе биде и завршен“, смета Шилегов.
За реализацијата на овој проект во Ќерамидница ќе бидат урнати околу 180 објекти.
Проектот предвидува и изградба на нов мост преку Вардар кој ќе ги поврзе општините Аеродром, Гази Баба и Центар. Мостот ќе биде со должина од 120 метри, ќе се изгради во близина на хотелот Русија и ќе ги поврзе булеварот АСНОМ во населба Аеродром со булеварот низ населба Керамидница.
Овој проект е предвиден уште во ГУП-от од 1965 година, а досега за него никој во Градот ја немаше изготвено основната планска документација.
Исто така, треба да се направи и пробивање на нов и реконструкција на стариот булевар АСНОМ со должина од 2.170 метри. Градбата на овој коридор со мост предвидено е да биде завршена во рок не подолг од 24 месеци од почетокот на градежните работи.