На туристите што се на пропатување низ Европа, најчесто им се препорачува воз поради исплатливоста, удобноста и брзината. Но, додека од Лондон до Париз можете да стигнете за нешто помалку од 4 часа, во нашиве краишта патувањето на истата оддалеченост може да потрае и до 22 часа. Peter Kerpedjiev, докторант од Универзитетот во Виена, направил интересна студија собирајќи податоци кои овозможуваат фасцинантен увид во европската железничка мрежа. Избрал 28 европски градови и го илустрирал времето потребно за да се стигне од точка А до точка B. При патувањето со воз, најмалку време ќе потрошите на западниот дел од континентот кој е поврзан со брза железница. Таква мрежа ги поврзува Лондон, Париз и Брисел.
За разлика од западот, источниот дел на Стариот континент сериозно заостанува во однос на развојот на железничката мрежа. „Само за споредба, патот помеѓу Париз и Берлин трае нешто подолго од 8 часа, додека патот од Сараево до Софија чија оддалеченост е иста како и во случајот на престолнините на Франција и Германија, трае речиси шест пати подолго, односно неверојатни 46 часа,“ објаснува Kerpedjiev.
Во регионот, Белград е релативно добро поврзан со остатокот од Европа, додека Подгорица е практично отсечена. Скандинавските земји и покрај ретката населеност и големата оддалеченост помеѓу поголемите градови, се извонредно добро поврзани со брз железнички сообраќај.