Забавниот парк „Wunderland“ има се што е потребно – вртелешка, панорамско тркало, рингишпил и голем тобоган… и се наоѓа во комплексот на затворена нуклеарна централа. Всушност се работи за нуклеарна постројка која никогаш не била во погон, а се наоѓа на брегот на Рајна на самата граница на Германија со Холандија. Наместо напуштено здание, овој простор е претворен во рај за децата и возрасните.
Еден холандски бизнисмен во 1995 година го купува напуштениот комплекс за сума која се проценува помеѓу три и пет милиони тогашни германски марки. На таа локација изградил конференциска сала, шест хотели, седум барови и неколку ресторани. Покрај тоа, изградени се и четири спортски сали, фитнес центар, тениски и терени за мини-голф, куглање, картинг и одбојка.
Како што пишува британскиот „Daily mail“, овој забавен парк се простира на површина од 55 хектари, а со панорамата доминира старата ладилна кула во која е поставен рингишпил, додека по нејзиниот бетонски плашт од надворешната страна има можност за слободно качување до 40 метри. Секоја година просторот на некогашната нуклеарка „Schneller Brüter“ го посетуваат над 600.000 луѓе.
Проектот за изградба на самата нуклеарка почнал во 1972 година, но поради проблемите при изградбата и јавните протести никогаш не е пуштена во погон. Инаку, се работи за заеднички проект на владите на Белгија, Германија и Холандија. Официјално, изградбата е завршена во 1985 година, но со оглед на катастрофата од Чернобил во 1986-та и новиот курс на Европа по однос на нуклеарната енергија во тој период, во 1991 година германските власти донесуваат конечна одлука оваа централа воопшто да не стартува со производство.