Како и секогаш, статистиките се тука да нè потсетат на нешто што сме пишувале, а се подзаборавило, но и на нешто ново, што поминало, а не се споменало. Овој пат, имаме за цел да избереме пет најдобри дизајни на објекти, без оглед дали станува збор за облакодери или стандардни објекти за домување. Целта е една, да претставиме нешто, што според својата идеја претставува уникатност, но и своевидна чудна вљубеност во дизајнот и структурата.
КИНЕСКИ ЦЕНТАР ЗА СОВРЕМЕНА УМЕТНОСТ
Иако станува збор за уметнички проект (објект), истиот е граден на специфичен начин. Откако е направена целата конструкција, објектот е затрупан во песок! Објектот се наоаѓа на брегот на морето Бохаи во провинцијата Хебеи, во североисточна Кина. Оддалечен е 300 километри или 90 минути со воз од Пекинг. Има карактер на музејски објект, со специфична намена за модерна уметност. Дизајнот е на кинеското студио ОПЕН, а со него раководи фондација.
Објектот се градел три години. По самото завршување, веднаш била поставена првата поставка на современи уметнички слики.
Музејот има површина од 930 квадратни метри и содржи десет галериски простории и кафетерија. Откако бил конструиран, целиот објект е покриен со песок. На тој начин, тој е интегриран во самата плажа. Самиот дизајн на галериите, е во кружни сфери, од кои, некои имаат и отвори на кровот преку кои се гледа небото, а влегува и природна светлост. Уште кога се градел, се знаело дека ќе се потрупа со песок. Поставени се и скалила, во една од галериите, кои водат до врвот, како еден вид на набљудувачница. Целта заради која дизајнерите се одлучиле да го инкорпорираат објектот во песокот, е за да не се наруши екосистемот и истиот да биде дел од природата.
РЕЗИДЕНТНИОТ КОМПЛЕКС „БРАН“ ВО ДАНСКА
„Болген“ во превод од дански јазик, значи „Бран“. Со него е именуван модерниот станбен комплекс изграден од страна на компанијата „Скајтехус“ според дизајн на архитектот Јорн Утзон, а инспириран од познатата опера во Сиднеј.
Станува збор за комплекс, кој наликува на бран, составен од пет самостојни станбени згради. Сите имаат форма на триаголник, а во низа даваат форма на бран. Целиот комплекс, располага со 150 станбени единици на површина од близу 14 илјади квадратни метри. Секој објект има девет катови. Дизајнот веќе освоил неколку престижни награди во Данска и се смета за едно од главните архитектонски обележја на градот Веље во Данска, каде што се наоѓа. Освен домашните награди, дизајнот е добитник на граѓанската награда на градот Манчестер во Британија. Иако дизајнот изгледа едноставен, сепак според критичарите, истиот е во совршенство со природата.
НОВИОТ НАЦИОНАЛЕН МУЗЕЈ НА КАТАР ВО ДОХА
Националниот музеј на Катар во Доха, не е обичен музеј. Отворен е за јавноста на 28 март 2019 иако било планирано, градбата да биде завршена три години порано. Во основа, новиот музеј, никнал близу местото на стариот, но со една нова димензија, која го прави „неверојатен“.
Објектот го дизјанирал архитектот Жан Нувел, кој црпел инспирација од пустинскиот кристален цвет. Целиот музеј, гледан од птичја перспектива, повеќе изгеда како станица за НЛО, или седиште на некоја вселенска агенција, бидејќи има таква модерна форма, што ретко може да се види низ светот. Во срцето на музејот, се наоѓа т.н. палата на шеикот Абдула бин Џасмин Ал Тани. За да бидат сигурни дека сè ќе биде во ред, властите ја довериле изградбата на германска градежна компанија.
Музејот зафаќа површина од 40 илјади квадратни метри. Освен објектот, има парк со површина од 115 илјади квадратни метри, со вештачка лагуна, паркинг место за 400 возила, аудиториум со 220 седишта, лаборатории, два ресторани, кафетерија и музејска продавница. Основен елемент на дизајнот е големиот диск, кој штити од високите температури со фрлање на сенки, а испреплетувањето на катовите, остава впечаток дека се движите низ клисура со слоеви на земја. Внатрешноста е уште поимпресивна од надворешноста. Доволно е само еден поглед, за да сфатите дека се наоѓате во некаков вонземен свет, а не во музеј. Според веб-порталите за архитектура, овој музеј е на листата на топ дестинации за посета во 2019 и 2020 година.
КУЛАТА „ЛИ ЗЕ“ ВО КИНА
Ле-За СОХО или оригинално позната како „Ли Зе“, е облакодер, еден од најмодерните во светот, кој е изграден во финансискиот дистрикт на Пекинг во Кина. Земјата на која е изграден, е купена за 288 милиони долари во 2013 година, објектот почнал да се гради во 2015, а е отворен за јавноста на 19 ноември 2019 година. Зад дизајнот, стои потписот на славниот архитект Заха Хадид. Ова е само еден од предвидените три облакодери, со ваков дизајн, кои се градат во околината.
Облакодерот е висок 190 метри, има ротирачка фасада во чие средиште е огромен и неверојатен атриум. Зградата има 45 ката и површина од 172.800 квадратни метри. Иако објектот е многу помал од Бурџ Калифа (највисоката зграда во светот во Дубаи), атриумот на Ли Зе е најголем во светот. Атриумот е дизајниран во распон од 45 степени, со што се овозможува да влезе природна светлина на секој кат. Структурални прстени на секое ниво, четири небесни мостови, и двојна изолирачка-стаклена фасада ги обединува двете „кожи“ на овој облакодер. Пристапот до објектот е многу лесен, преку метрото кое поминува под неа.
Иако облакодерот, според висината се смета за објект од средна големина, фасадата и атриумот ја прават посебна, и вистинско место да бидете на еден од мостовите и да уживате во внатрешноста.
МОРФЕУС ХОТЕЛ ВО МАКАО
Досега немате видено објект, зграда, дизајн, во чие средиште се наоѓаат дури три дупки! Таков е дизајнот на хотелот Морфеус во Макао. Дизајнот, повторно ѝ припаѓа на Заха Хадид. Иако, објектот бил завршен во 2018, малку подолго се чекале безбедносните тестови за да може да ги прими првите гости на почетокот на 2019 година.
Според архитектите, овој хотел, според дизајнот е првиот од таков вид, на слободна структура со егзоскелет, како фасада. Во суштина, егзоскелетот, дополнително ја стабилизира внатрешноста, па нема потреба од дополнителни потпорни столбови или колони на внатрешни ѕидови за стабилност. Со тоа, објектот има интегритет, но и форма на гигантска скулптура. Самиот дизајн, е доволно интригантски, бидејќи е надвор од традиционалата градежна форма и структура. Уште кога студиото на Хадид во 2012 го претставило дизајнот, постоел голем интерес за да се откупи и изгради. Суштината на објектот, како што се гледа од фотографиите, е дизајн на две странични структури кои се споени во основата и на врвот. Егзоскелетот, е како „паразит“ врз основната фасада, и е инспириран од начинот на резба со кој традиционално во Кина се обработувале тврди минерали.
Три хоризонтални вители (дупки) во правоаголната структура на објектот, генерираат празнини низ зградата и ги дефинираат драматичните внатрешни јавни места на хотелот. Тие создаваат уникатни аголни апартмани со спектакуларен поглед на атриумот и градот. Овој аранжман го зголемува бројот на хотелски соби со надворешен поглед и гарантира еднаква дистрибуција на простории од двете страни на зградата.
Зошто било важно, да се направи ваков дизајн, кој ќе го привлекува секој поглед, доволно е да се каже, дека Макао го посетуваат годишно над 30 милиони туристи, а едно ноќевање во обична еднокреветна соба во Морфеус хотелот чини над 70.000 денари, во зависност од времето и букирањето. Објектот има 40 катови, содржи 770 соби, има подиум од три ката, содржи луксузни апартмани на самиот врв, од чии цени ќе ви се заврти во главата, а освен кафулиња, ресторани, стандардни придружни објекти има и специјален салон за видеоигри и базен на кровот со уникатен поглед.