Со општествените промени, многу често се јавува и потреба од промена на објектите. Со текот на времето објектите не може повеќе да се користат за намената за која биле изградени, а сепак се во добра состојба и не се за рушење. Овие објекти може да се трансформираат (пренаменуваат) во нови содржини и функции, да добијат нови корисници и така да го продолжат постоењето во сосема ново „руво“.
Еден од многуте такви објекти е и „Тониареал“, новиот универзитетски кампус во Цирих, објект со повеќе функции за различни корисници. Се работи за уникатен проект кој фасцинира со својата физичка големина, комплексност на функциите и содржините, но истовремено претставува и една од најголемите трансформации на постоечки објект. Млекарницата „Тони“ е пренаменета во современ универзитетски кампус „Тониареал“, мултифункционален објект каде се обединети функциите образование, култура, домување, угостителство и трговија.
Објектот на поранешната млекарница „Тони“ е изграден и пуштен во употеба во 1977 годинаа. Таа била една од најголемите во Европа, со еден милион литри млеко дневно производство. Во 1999 година млекарницата била затворена, а објектот бил напуштен и неколку години стоел празен. Објектот бил во добра состојба и градот Цирих решил објектот да не се руши, да се зачува, но да се пренамени во современ универзитетски кампус, а истовремено и мултифукционален културен центар.
Во 2005 година бил распишан анонимен архитектонско-урбанистички конкурс, на кој прва награда добиле архитектите од проектанското студио ЕМ2N од Цирих. Проектната документација е работена од 2005 до 2009 година. Објектот е граден од 2008 до 2014 година и пуштен е во употреба на почетокот на учебната 2015 година. Мултифункционалниот објект „Тониареал“ треба да внесе нов живот во областа Цирих –Запад (поранешната индустриска област на Цирих) која со реурбанизацијата се гради повеќе од 10 години и веќе се оформува во нов современ тренди дел на градот Цирих.
Во објектот се сместени две високообразовни институции кои немаат врска една со друга, Циришката академија за уметност (ZHDK) со скоро сите оддели – театар, музика, филм, дизајн, балет и ликовни уметности; и Циришкиот факултет за применети науки (ZHAW) со два оддели психологија и социолигија.
Објектот има корисна површина од 108 илјади метри квадратни, и со димензии во приземјето 170/90 метри. Волумен на објектот е 491 илјада метри кубни. Највисокиот дел на објектот, новата станбената кула е 75 метри, а другиот дел, делот на старата млекарница е со висина од 25метри. Најголемиот дел од објектот, повеќе од половина е наменет за двете образовни институции, со површина од 58 илјади метри квадратни. За културни и други различни настани, проектирани се повеќе простори, како повеќенаменски сали, концертни сали, кино, камерен театар, музеј за дизајн и други, со површина од 6500 метри квардатни. За угостителски, трговски услуги и клупски простории проектирана е површина од 3500 метри квардатни.
За домување е проектирана нова кула во која има и мали и големи станови кои може да ги користат и студентите и вработените во „Тониареал“. Корисна површина на станбениот дел е 13 илјади метри квадратни. Во станбената кула е проектирана и градинка. Останатата површина отпаѓа на простор за паркирање и простории за техника и енергетски простории.
Цена на чинење на објектот е 450 милиони швајцарски франци. Проектантите со нивниот концепт се обиделе физичката големината на објектот, неговата комплексност и мултифункционалност (комбинација на разнородни функции и корисници), да ја решат внатре како еден мал внатрешен урбанизам. Нивната идеја при проектирање на објектот била „зграда како град, град како зграда“.
На северната страна на поранешниот објект, постоела бетонска рампа која е задржана и во новиот објект, само е редизајнирана и служи како вертикален булевар преку кој со возило или пеш од улицата доаѓате до катовите. На јужната страна е проектирана нова станбената кула. Главниот влез во објектот е од јужната страна. Во објектот се влегува преку надворешни скали. Главниот влез е на првиот кат. Проектиран е огромен јавен хол – влезен хол на пресекот помеѓу новата станбената кула и понискот дел на објектот (поранешната млекарница). Овие два елементи, рампата и јавниот хол, поврзани се каскадно со скали и помали холови кои се наоѓаат на средишната подолжна симетрала на објектот, т.н. главната улица. Главната комуникација е во овој средишен дел, а лево и десно се организирани просториите. Овој распоред создава внатрешни адреси-места на различните простори групирани по функции, исто како што објектите во градот се редат долж улиците и плоштадите и имаат свои адреси.
Околу јавниот хол се распоредени ресторан, кафетерија, две сали за различни настани и музејот за дизајн. Од холот со еднокраки скали се оди кон погорните катови. Лево и десно се распоредени просториите за факултетите, предавални, работилници, ателјеа, кабинети за наставниот кадар, сала за балет, сали за вежбање музика, библиотека со читална, концертна сала, сала за вежбање и одржување концерти итн. На последното ниво на северната страна се наоѓа киното и мала концертна сала, а до нив може да се дојде дирекно преку рампата на северната страна од објектот. Од последниот кат со еднокраки скали се излегува на равната кровна тераса. Таа е делумно поплочана, а делумно е зелена градина. Терасата е организирана за одмор, учење или читање, за повремени изложби и различни настани на отворено, а еден дел се користи како детско игралиште за градинката во станбениот објект.
Заради големите димензии на објектот, проектирани се повеќе дворови кои се поставени на различни нивоа, така што се овозможува сите простории да имаат природно осветлување и вентилација. Во приземјето на објектот, на ниво со околните сообраќајници, сместени се бистро, продавници и клупски простории. Фасадата на објектот е делумно застаклена, делумно бетонска обложена со алуминиумска брановидна мрежа, што можеби асоцира на фасадата на поранешната млекарница обложена со брановиден лим. Капацитетот на факултетите што се сместени во „Тониареал“ е за 3500 студенти, а во целиот објект се вработени околу 1600 луѓе.
„Тониареал“ е најголем објект во делот Цирих запад или поранешната индустриска област. Со неговата трансформација, се очекува да внесе нов живот во областа, а неговите нови функции нема со ништо негативно да влијаат на околните објекти за домување и административни објекти. Објектот „Тониареал“ се интегрира во новиот концепт на областа Цирих Запад.
МАКЕДОНСКО ИСКУСТВО
Пишувањето на овој текст ме врати повеќе години назад, во 90-тите години од минатиот век, кога група проектанти од поранешниот Завод за урбанизам на РМ и Институтот за студии и проектирање при ГП Бетон работеа реурбанизација на дел од Кисела Вода во Скопје , просторот околу поранешните магацини на „Славија“. Просторот треабаше да се трансформира, според проектната програма, во локален центар со повеќе намени како администрации, култура, занаети, трговија, станбени објекти и простор за омор и рекреација. Проектите се завршија, се одбранија пред нарачателот Главниот архитект на град Скопје, но никогаш не се реализираа.
Денес на тој простор сè уште постојат старите магацини на „Славија“, но во многу лоша и руинирана состојба, а околу се изградени нови станбени згради. Просторот изгледа многу несредено и хаотично. Дали треба така да изгледа или можеше поинаку и подобро?
Натка Ќосева, дипл.инж.арх.