Премиерот на германската сојузна држава Баварија, Маркус Шедер, апелира гасоводот „Северен тек 2“ да се стартува што е можно поскоро. Причината е обезбедување на стабилна испорака на природен гас во очи на зимската сезона на греење.
„Неопходна е мудра стратегија за да се обезбеди снабдување со електрична енергија. Во таа смисла постојат добри причини гасоводот „Северен тек 2“ наскоро да стартува со цел цените на гасот да се доведат на нормално ниво“, рекол Шедер во своето интервју за Funke Mediengruppe. Тој истакнал дека е неприфатливо „само да стоиме по страна и да гледаме како цените растат во очи на доаѓањето на ладната зима“, додавајќи дека „луѓето очекуваат брзо решение“ на тој проблем.
„Се повлекуваме од производството на јаглен и нуклеарна енергија, а недостатокот на ресурси е се поизразен. Цените растат, а побарувачката за електрична енергија расте. Затоа ни се потребни гасните електрани“, рекол Шедер. Според неговите зборови, „Северен тек 2“ би можел да стане сигурен темел за стабилно снабдување на Германија со природен гас“. Изградбата на „Северен тек 2“ е во целост завршена на 10-ти септември. Пред да почне со испорака, операторот на проектот треба да добие сертификат од германските регулатори за усогласеност со техничките стандарди на ЕУ. Федералната агенција за електроенергетската мрежа треба да издаде сертификат до 8-ми јануари 2022 година.