Во новата современа градинка во Капиштец, децата ќе можат да се вселат на есен. Во посета на новиот објект, каде што е завршена карабината, беше градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, со соработниците и советниците.
Старата, дотраена и нефункционална градинка „Кочо Рацин“, замина во историјата, а првпат по цели 40 години во општина Центар, рече Жерновски, се гради нова.
„Ова е прва градинка во државата што се гради со општински пари. Ова е градинка со која ќе се гордееме. Во неа се вградени најсовремени материјали. Градинката ќе има енергетски ефикасна фасада со тројна термичка заштита. За првпат во Македонија во образовна институција се поставува ваков кровен противпожарен панел кој издржува до 180 минути. Подовите се антиалергени, антибактериски и со вградено подно греење. Меѓу просториите ќе има звучна изолација. Ова ќе биде убедливо најубавата градинка во Република Македонија со критериуми и услови кои ги заслужуваат нашите деца“, изјави Жерновски.
Кујната ќе биде современа, според ХАСАП стандардите, и ќе произведува 500 оброци дневно за децата од матичната градинка и двата клона.
Заложба на општина Центар е што повеќе зеленило и цвеќе, и затоа во дворот на оваа градинка ќе бидат засадени 40 нови дрвја.
Новиот објект е на бруто површина од 3.560 м2 и нето површина од 2.742 м2.