Победничкото решение на Лабораторијата за визионерска архитектура (LAVA) за енергетски парк и зграда за складирање на енергија во Хајделберг, Германија, ќе започне со реализација односно изградба во 2017 година. Се работи за проект на локалната енергана-топлана, односно компанијата Stadtwerke Heidelberg. Постоечкиот складишен центар со цилиндричен облик ќе биде претворен во динамичка „скулптура“.
Оваа „скулптура“ – икона на градот ќе стане центар на знаења за одржливата енергија и ќе биде достапна за јавноста. Од LAVA е собран тим експерти од Берлин за развивање на целокупниот концепт.
Tobias Wallisser, директорот на LAVA вели: „Нашата појдовна точка за концептот беше следна – како е можно параметрите поврзани со енергетската транзиција, децентрализација, вмрежување и флексибилност, да бидат видливи во дизајнот? Како може, приспособлив, динамичен систем да биде создаден без екстремна техничка контрола?“
Решението е повеќеслојна фасадна структура инспирирана со геометрија од природата – лисjа, пајакова мрежа и сл. Резултатот е динамична површина која постојано се менува претворајќи ја зградата во светилник на одржливата енергетска иднина. Внатрешната обвивка на зградата е во различни нијанси на сина. Елиптичните прстени околу цилиндерот ја заокружуваат конструкцијата и драматично одат кон врвот. Мрежата на кабли меѓу челичните прстени го формира надворешниот фасаден слој.
Околу 20.000 плочи во облик на дијамант од тенок нерѓосувачки челик се закачени со едноставни еластични врски во оваа челична мрежа, што им овозможува отклонување до 90 степени под дејство на ветровите.
„Бројот на плочи одговара на бројот на домаќинства кои се снабдуваат со енергија од мрежата“, појаснува Wallisser.
Посетителите ќе може да добијат различни информации во овој енергетски парк, почнувајќи од енергетската стратегија на Хајделберг, до технички детали на компанијата Stadtwerke.
Со височина од 56 метри, термалниот складишен комплекс ќе биде еден од највисоките објекти во Хајделберг.
„Нашето ново „складиште“ на знаења ја замени цистерната за гас, која во 50-тите беше симбол на енергетската политика“, заклучува Wallisser.
LAVA е номинирана за лауреат на Европската награда за архитектура 2016, за архитекти кои имаат нов впечатлив пат и правец во длабоко хумана архитектура посветена на принципите на европскиот хуманизам.