Насловна / Вести / Од 1 јануари организирано собирање на електронски отпад

Од 1 јануари организирано собирање на електронски отпад

Elektronski otpad

Само 90 од вкупно регистрираните 477 компании за производство и увоз на електрична и електронска опрема имаат потпишано договор со „Нулта отпад“, единственствената компанија која досега поседува лиценца за колективен постапувач, иако во најава е регистрирање на уште најмалку една компанија до крајот на годинава.

Како што беше истакнато на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија, согласно Законот за управување со електрична и електронска опрема од 1 јануари идната година сите производители и увозници на електрична и електронска опрема треба да се организираат како колективни постапувачи или самостојно да се собира одреден надоместок со кој ќе се покријат трошоците за одделно собирање на отпадната електрична опрема, нејзино соодветно транпсортирање до инсталации кои имаат лиценца за преработка и третман. Дел од тие средства ќе се користат за подигање на јавната свест на граѓаните како да се ослободат од електричниот отпад.

– Во Законот се пропишани казнени одредби доколку не се организирани до крајот на годинава, но прво инспекцијата ќе оди со превенција и укажување и ќе им се дава рок до кога треба да ги надминат неправилностите, а потоа со казнување, рече Ана Каранфилова Маневска, раководител на Секторот за управување со отпад во Управата за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање.

Таа прецизира дека согласно Законот, колективните постапувачи треба да ја информираат јавноста каде може да се ослободат од електронскиот отпад. Граѓаните, додаде, имаат право бесплатно да го остават електричниот и електронскиот отпад, односно својот неисправен електричен уред во продажните места, а продавачот е должен да го преземе.  Продажните места поголеми од 200 метри квадратни треба да имаат посебен простор каде ќе се остава електричен и електронски отпад, додека општините треба да имаат најмалку еден собирен центар за ваква опрема на 30.000 жители.

Електричниот и електронскиот отпад во себе содржи опасни елементи и тешки метали кои доколку дојдат во допир со природата се многу штетни и можат да предизвикаат еколошка катастрофа.

 

Испрати коментар

Scroll To Top