Во рамките на Акцискиот план на Министерството за култура за обнова на фасади на објекти со стара градска архитектура, во Општина Струмица завршија работите за обнова на фасадите на два објекта.
Станува збор за објекти изградени во почетокот на 20 век, со впечатлива староградска архитектура, лоцирани во Старата струмичка чаршија на улица „Маршал Тито“ бр. 40 и улица „Ванчо Прке“ бр. 2. За обновата на овие две фасади, од буџетот на Министерството за култура беа издвоени еден милион денари.
Во изминатиот период надлежната установа Завод и музеј Струмица ја заврши обновата на фасадата на архивската зграда, за која беа издвоени 1 милион денари. Во Струмица беше обновен и објектот на Старата пошта, кој потекнува од 19 век и претставува заштитено културно наследство. Реставрацијата и конзервацијата на објектот опфаќаше обнова на ентериерот, на покривната конструкција и на фасадата на куќата.
Во рамките на проектот за обнова и конзервација на повеќе фасади во градовите низ Република Македонија, следната година ќе се изработат проекти за обновување на фасадите на уште два објекта од Старата чаршија во Струмица, известија од Одделението за односи со јавноста при Министерството за култура на Република Македонија.