Од месец април 2015 година, посетителите на чешкиот град Пилсен ќе бидат во можност да ги посетат трите обновени ентериери дизајнирани на почетокот од 20 век од страна на еден од највлијателните архитекти на модерната архитектура, Адолф Лос. Тој ги дизајнирал овие ентериери за богати еврејски семејства, помеѓу 1907 и 1932 година.
За време на Втората светска војна, голем дел од овие домови биле уништени или искористени како канцелариски простории за чехословачката комунистичка влада. Денес се останати само осум куќи.
Градот Пилсен, кој е прогласен за главен град на европската култура, започнал со обнова на овие проекти. Два од предвидените проекти се завршени минатата година, а во завршна фаза е и третиот проект, со цел од месец април да бидат отворени за посетители.
Она што е специфично за куќите е слободниот план.
Објектот што се наоѓа на улица Klatovska, редизајниран е од тим архитекти предводени од архитектот Vaclav Girsa. Тие користеле фотографии од оригиналниот ентериер за обнова на просторот за дневен престој и трепезаријата. Со цел да се пополни просторот со оригинален мебел од Адолф Лос, тие позајмиле столици од друг објект на познатиот архитект.
Објектот, пак, што се наоѓа на улица Bendova 10, карактеристичен е по просторијата во која се сместени трепезаријата и собата за цртање, обиколени на ѕидовите со огромни парчиња стакло со што се овозможува бесконечна рефлекција. Во дневниот престој ѕидовите се изработени од бело-зелен мермер и црни махагони плочи на таванот. Целата интервенција е комплетирана со камин.
Последната куќа „Brummel House“ претрпела напади за време на војната и неколку обиди за нејзино уривање. Денес е во приватна сопственост.