Општина Штип започнува со реализација на завршените тендерски постапки во поглед на инфраструктурата во градот, а во меѓувреме веќе течат и нови тендерски постапки.
И годинава, како и лани, се планира обемна изградба, обнова и реконструкција на градската патна мрежа.
Веќе се работи на конструкција на одводен канал на дел од сообраќајницата кај железничката пруга кој долги години беше проблем. Ова е активност на ЈП „Стипион 2011“.
Конкретно, пролетните градежни зафати опфаќаат над 20.тина локации низ градот. Во моментов се тампонира и подготвува асфалтирање на пристапен пат во местото Каленица, на патот кон МК „Албатрос“,меѓу седиштата на повеќе фирми, вклучително и еден помал крак од 30.тина метри, во долна Железничка од вчера се асфалтира еден крак а ќе бидат асфалтирани уште 4 во вредност од 1.2 милиона денари, во Чардаклија веќе течат подготовки за асфалтирање на над 350 метри од улици вредни 650.000 денари.
Имено ЈП „Стипион“ поставува канализациона мрежа по што ќе следе асфалтирање на неколку крака, вклучително и до локалното училиште.
Во Долна Балканска направени се неопходните подготовки за асфалтирање на над половина километар од главната сообраќајница, во вредност од околу 1.9 милиона денари а меѓу поголемите проекти е асфалтирање на десниот крак од улица „Косовска“ во должина од околу 600 метри. Имено пред некоја година заврши конструкцијата на спојот на Питу Гули со цар Самоил, а сега се работи на десниот крак.
Поставен е тампон и ќе следи асфалтирање а вредноста на проектот е 820.000 денари.
Меѓу поголемите проекти е асфалтирање на улици во Дузлачки Рид во должина од 1.7 километри и во вредност од над 4 милиона денари. Станува збор за тампонирање и прво асфалтирање на сообраќајници со кои жителите од овој дел на градот ќе добијат асфалт на тешко проодни улици.
Ќе се асфалтира и крак во должина од околу 250 метри од улицата „11 конгрес“ во населба Баби во вредност од 784.000 денари, поточно ќе се постави уште еден слој асфалт врз руинираниот прв слој, се тампонира и крак од околу 250 метри од улицата АСНОМ а ќе следат и зафати на уште неколку улици.
Тука влегуваат, асфалтирање на патот од Блок 2000 до манастирот Света Недела во вредност од 800.000 денари, дел од „Партизанска“ кај Дом на млади во должина од 260 метри и со цена од 1.1 милиона денари, потоа асфалтирање на улици во с.Долани (крак 1 и 2) во вредност од 617.000 денари, локален пат до Суво грло вреден 2.9 милиона денари, потоа 3 милиона денари за асфалтирање на улиците во Караорман и 2.5 милиона денари за улиците во с.Селце.
Планирано е асфалт и на улица во Мерите во вредност од 483.000 денари, во с.Врсаково од 726.000 денари, неколку кракови од Широк Дол во вредност од 611.000 денари и нов слој асфалт на улица „Енгелсова“ за сума од 1.4 милиона денари. Севкупно, станува збор за инвестиција од речиси 27.5 милиона денари.
Инаку течат и тендерски постапки за улиците „Иво Лола Рибар“, вториот дел од „Вита Поп-Јорданова“, вториот дел од „Вардарска“, дел од „Борис Крајгер“ на потег од трговскиот Елкос до спортската сала „Јордан Мијалков“ во должина од околу 800 метри и за конструкција на велосипедската и пешачка патека до Караорман.