Магистерскиот труд со наслов СИТИ МОЛ (CITY MALL) – обнова и организација, работен од кандидатот Ивона Милошевска под менторство на професор д-р Иванка Кировска, со новата обнова и организација на објектот (стоковна куќа „Јавор“ во Битола) формира еден нов модел на архитектонски концепт – трансформација на постоечката морфосинтакса на објектот во нов контекст кој го подразбира современото општество.
Брзиот развој на новото општество како реалност на денешницата, новите човекови потреби, особено оние во однос на социјалните навики, поточно „животен стил“, се одразуваат врз обновата и организацијата на постоечките архитектонски објекти и бараат воспоставување на нови архитектонски концепти – појава на нови програмски содржини – функции и нивно просторно редефинирање.
Особени трансформации се случуваат кај трговските центри – објекти кои често го менуваат и збогатуваат својот програм и кои постојано подлегнуваат на моменталните трендови и промените во општеството, останувајќи сепак во трите есенцијални рамки: трговија, услуга и угостителство.
Во новообновените и реорганизирани простори се дефинираат нови и трендовски концепти (што подразбира формирање на нови програми – функции), кои ги следат барањата и потребите на граѓаните. Постоечкиот архитектонски објект, стоковната куќа „Јавор“ во Битола, е дел од колективната меморија кај населението од овој град, и е централен сегмент во ланецот на стоковни куќи изградени во Битола во почетокот на ХХ век (1975 год.) и припаѓа на модерната архитектура. Со својата местоположба во централното градско подрачје, во непосредна близина на старата битолска чаршија, објектот претставува значаен јазол во кој се преплетуваат многу културни слоеви и времиња, и е изграден аналогно на другите стоковни куќи во тоа време. По својата надворешност објектот е олицетворение на модернизмот, а низ него се чувствува и влијанието на објективизмот, кој како начин на мислење го негира таканаречениот „формален модернизам“, правец кој се борел против прекумерната употреба на современите градежни материјали и технички откритија.
Објектот има вкупно пет нивоа – катови: подрум, приземје, прв и втор кат како и трет кат кој денес не функционира. Во својата внатрешност објектот е поделен на два дела: трговско-услужна дејност и административно-технички дел, кои се наоѓаат на сите нивоа, освен третиот кат кој е недостапен.
Во своето долгогодишно постоење објектот доживеал повеќе функционални организации на просторот – од отворен пејзажен карактер, до денешната расцепканост – поделеност на повеќе инцидентно изведени локали со трговска и угостителска дејност, кои се парцелизирани со преградни паравани кои и функционално и естетски го нарушуваат амбиентот на внатрешната организација на просторот.
Со новата обнова и организација објектот ќе претставува синтеза на старото и новото, имплементација на нови содржини во веќе даден постоечки простор. Целта е подобрување на функционалноста, запазување на естетскиот момент и тенденции на осовременување кои ги носи новото време, односно да прерасне во СИТИ МОЛ (CITTY MALL), како денес се нарекуваат овие типови на големи трговски објекти.
Според својот концепт, ваквиот тип на објекти може да биде организиран во склоп на една или повеќе просторни површини поделени на единици, поточно продажни места со разновидни содржини – од трговски, услужен и угостителски карактер. На овој начин, овие градби постануваат атрактивни места за човекот во кои тој може да задоволи повеќе свои потреби и квалитетно и релаксирано да го помине своето време.
Потрошувачите денес можат во еден единствен затворен простор, таканаречен ,,голема кутија“ со многу привлечни продавници да пронајдат сè што им треба, без да бидат изложени на надворешните временски услови. Со многуте содржини овие објекти прераснуваат во мултифункционални современи објекти, а содржините со кои се исполнети се со намена и можност за остварување на групно домување, образование и наука, социјализација, сервиси, кина, менувачници, експозитури, центри за убавина и здравје и др. Вака осмислени тие отвораат нов современ социјален и урбан живот.
Предложеното идејно архитектонско решение се темели на креирање на објект со интегриран карактер, а новите програмски содржини одговараат на новиот формален израз на новото време, како идеален начин на решавање на објекти од ваков тип.
Неопходната програма за функционирање на објектот се развива по нивоа – катови, од кои два се со помал габарит (подрум и приземје), а катовите (еден, два и терасата) се со поголем габарит (односно ист ). Програмата е распоредена на следниот начин: во подрумскиот дел се лоцираат супермаркет, продажба на бела техника и неопходните помошни простории. Во приземјето се влегува преку три влеза за посетители и еден влез за дотур на стока. Приземјето е програмски поделено на повеќе различни намени (локали) претежно од трговско-услужна дејност. На првиот кат се локали од трговски карактер (бутици) и угостителски локал. Вториот кат го заземаат локали со трговски карактер – наменети за деца, потоа игротека, како и угостителско катче. Како најзначајна промена во објектот се јавува пренамената на непроодната тераса на третиот кат, во ексклузивен ресторан. Денес ваквите атрактивни простори во светски рамки познати како „rooftop“ даваат една нова димензија и атрактивност на објектот. Локациската поставеност на објектот овозможува прекрасен поглед кон градот, кој ги опфаќа познатата Саат кула, Безистенот и Старата битолска чаршија.Од ова произлегува дека најинспиративна е обновата и организацијата на третиот кат каде се предвидуваат ресторан, кафетерија и тераса од типот „rooftop“, со сите неопходни придружни помошни простории.
Во објектот неопходните помошни простории (скали, лифтови – персонален и теретен, санитарии, администрација, магацински простор и др.) се развиваат по сите нивоа. Површините што се непрограмирани – холови, даваат можност за организирање на повремени продажби и други случувања, како и развивање на комуникација помеѓу различните корисници, односно го создаваат социјалниот контекст (како најесенцијален).
На крај, овој тип на објекти се создава за да биде исполнет со луѓе и да ги задоволува нивните активности од најразличен карактер, поточно кажано, ја одразува нивната „култура“ на живеење, а објектот со нив станува „жив организам“. Поради рапидното зголемување на градовите и нивното претворање во мегаструктури, потребата за обнова и организација на објекти од минатото станува неопходна потреба.
Потребата за обнова и организација на објекти од минатото се јавува, исто така, и како релевантен архитектонско-урбанистички фактор во борбата за зачувување на животната средина и намалување на екстремното урбано ширење на градските ткива (простори). И сосема на крај, секако, обновата и организацијата на постоечките објекти кои се надвор од употреба претставува хуман процес, бидејќи на овој начин се третира и моментот на архитектонското културно наследство.
(Одредени делови од текстот се преземени од магистерскиот труд)
м-р Ивона Милошевска, дипл.инж.арх.