Се чувствува возвишена чистота, свежина во сувиот воздух и чувство на длабока поврзаност со земјата и нејзината геологија во високите пустински предели на централен Орегон. Овде се јасно видливи процесите на ерозија и обнова, од длабоки кањони до лавини текови. Верската заедница на унитаристите сакала нивниот нов дом да биде симбол на нивната почит кон планетата, како и да претставува топол и пријателски простор за нивните приврзаници. Проектот постигнал net-zero енергетски стандард користејќи варијација на стратегии, вклучително: оптимална ориентација за пасивно сончево греење, подно греење, масивни термо ѕидови, природна вентилација, системи за собирање на дождовница, и употреба на дрвени производи произведени од одржлива сеча на дрва.
Едноставната палета на природни, топли и богати материјали опфаќа кедар, камен, гипс, бетон и стакло. Покрај нивната способност да создадат топла и смирена атмосфера, овие материјали се избрани и заради нивниот органски и едноставен хемиски состав.
Во целиот простор се користени (Volatile organic compounds VOC) бои и премази, со цел заштита на овие долготрајни природни материјали, а сосема е избегнато вградувањето на материјали на база на формалдехид. Подните облоги, акустичниот третман и останатите финиши се избрани поради нивната карактеристика на рециклираност, како и нивната физичка близина до објектот и минимизирање на еколошкото влијание на транспортот.
Челниците на унитаристите го насочувале тимот проектанти од проектантското биро Hacker од Портланд, да пронајде облик кој ги опфаќа идеалите на инклузивност, истражување и заедништво. Скици нацртани со јаглен служеле како инструмент за медитација на овие идеали и за време на потрагата по архетипни форми. Овие скици биле инспирација за подот и за дизајнот на ѕидните облоги. Дрвената структура е аранжирана како серија на искршени блокови, со тоа што деловите за движење и за собирање го опфаќаат просторот помеѓу.
Употребата на дрво во ентериерот ги слави унитаристичките принципи, правејќи го просторот топол и приемчив. Големи лизгачки врати се поставени помеѓу олтарот, холот за собирање и мултинаменската просторија, со што функционално се дели просторот а доколку има потреба се отвора во една голема просторија.
Овие врати изработени од кедар се сечени со CNC машина, а потоа рачно резбани. Од поголемите простории може да се издвои пријатна и удобна соба обложена со дрвени панели, во која се наоѓа огниште, и може да служи за одржување приватни средби или за утешување на расплакани бебиња. Ентериерот од кедар ги потенцира акустичните хорски изведби.
Олтарот е проектиран со високи акустични перформанси за да служи како концертна сала. Употребени се два типа дрвна облога, едната жлебена, другата перфорирана, обете со кедарен фурнир. Масивни табли од кедар се поставени на соодветна оддалеченост за да обезбедат отворен простор и акустична изолација. Над делот за хорски изведби, поставена е оркестарска школка изработерна од кедар, која ја рефлектира и враќа хорската музика, насочувајќи ја кон задниот дел од просторијата.
Природните геолошки процеси кои се случувале во централен Орегон, исто така служат како инспирација за објектот. Тимот проектанти ги зеле предвид силите на формација и ерозија, како и топографијата која е нивен резултат, облиците на карпите, и други материјали од регионот. Од оваа студија произлезе концепт преку кој објектот ги претставува тие процеси во својата форма, изглед и материјалност. Секој аспект на дизајнот раскажува приказна која е поврзана со оваа идеја: од редените камени ѕидови, преку релјефните резби, до уникатниот скулптурен изглед на надворешноста со кедар, постигната со употреба на иновативен конструктивен систем од дрвото.
Исто така, проектантите успеале да ја потенцираат врската помеѓу географскиот терен и ентериерот на објектот. Оваа крајна цел влијаела на сите аспекти на објектот: изборот на материјалите, поставеноста на објектот и дизајнот на отворите.
Објектот е внимателно поставен во контекст на природното опкружување со дрвја, за нив да ги слави и да ги заштити, и за да воспостави врска помеѓу внатрешните делови и теренот. Внимателно направените отвори го врамуваат погледот кон надворешноста, модулирајќи ја сончевата светлина и задржувајќи го континуитетот помеѓу надворешноста и внатрешноста.