Најновиот предлог на проектантската компанија MAD Architects е „Mirage“. Овој проект влезе во потесниот избор на меѓународниот конкурс за решение за редизајнот на 59 катницата „Tour de Montparnasse“, облакодерот во Париз изграден уште во 1973 година.
Проектот „Mirage“ предлага фасадата да се покрие со црн монолит со кокавни огледала со цел да се создаде рефлексија, или „превртен“ одраз на градот. Облакодерот кој претставува ориентир и упаѓа во градскиот хоризонт, веќе со години е тема на расправа, а некои дури го нарекуават „лузна на Париз“.
Концептот на MAD, ја покрива целата зграда со рефлектирачки стаклени панели под одреден агол, создавајќи на тој начин огромно конкавно огледало. Добиениот ефект го свртува градот наопаку, што во суштина создава илузија дека Париз лебди во воздухот.
Концептот ја вклучува и Ајфеловата кула. Поточно, може да се види огромна рефлексија на оваа конструкција во фасадата на облакодерот. За жал ова решение не завршило на конечната листа од седум финалисти. Победничкиот проект, дело на козорциум од три компании под името „Nouvelle AOM“, е поконзервативен, но не помалку импресивен и предлага зелен појас на фасадата.