Инаугурацијата на фамозниот проект Облаци од стакло (Nuages de verre) на Фондацијата Луј Витон беше официјално реализирана на 20 октомври 2014 година, во присуство на претседателот на Република Франција Франсоа Оланд, претседателот на LVMH Бернард Арно и архитектот Френк Гери, творец на едно од најинтересните архитектонски дела во последните децении во Франција, пред бројни познати личности од културната, политичката, економската сфера на земјата, „кремот“ на француската и европската култура.
Во колективната меморија за проектот, дефиниран како културна институција, ќе остане запаметено дека реализацијата на ваков комплексен проект е можна само со потполна согласност на клучните луѓе во овој „challenge“. Дуото Гери – Арно овозможи атерирање на овој „iceberg“ во зеленилото на „Jardin d’Aclimatation“, овозможувајќи од терасата панорамски поглед на Париз и на новиот модерен дел наречен Дефанс (La Defense). Тоа е подарокот од седумгодишната напорна работа на едно градилиште со преку 1.000 вработени, и букет на различно специјализирани претпријатија.
Која е фондацијата со амблем LV?
Компанијата „Луј Витон“ е основана во 1854 година, со седиште во Париз, а нејзин основач е Луј Витон. Во негова чест синот Жорж Витон го патентирал денес иконскиот мограм LV, според неговите иницијали. Од тогаш компанијата поминала низ повеќе трансформации, но амблемот LV ги преживеал сите премрежја, како симбол за она што е еден од најпрепознатливите светски брендови. Во 1987 година се спојува со групата Moët Henessy. Денес, LVMH (Louis Vuitton Moët Henessy) е една од најголемите модни куќи во светот. Лидер на пазарот на продажба на луксузна роба (14 отсто од светскиот обем на продажба, во 2006 година). Според истражувањата, во 2010 година се наоѓа на 29. место на листата на највредни брендови. Проценетата вредност на брендот е 19,781 милјарда американски долари. Претседател и сопственик на „Луј Витон“ е Бернард Арно (Bernard Arnault). Фондацијата со амблем LV е приватна. Сите нивни инвестиции се од приватен капитал. Француската држава нема ништо вложено во овој проект. Концесијата на теренот е продадена на 55 години, период после кој државата станува сопственик на фондацијата.
Изборот на локацијата, во срцето на Булоњската шума, и темите што ги сугерира се комплетен погодок во амбициите на Фондацијата Луј Витон. Глорификација на едно фамилијарно претпријатие кое со труд и упорност, прерасна во светски лидер на модната индустрија на сите континенти.
Тандем Арно – Гери. Натпревар на еднаквите?
По разгледувањето на музејот Гугенхајм во Билбао, Шпанија, во 2001 година Бернард Арно го ангажирал 85-годишниот американско-канадски архитект Френк Гери, кој се смета за еден од најголемите. Добитник на наградата Прицкер, универзално познат по својот Гугенхајм, љубител на уметноста, творец кој предизвикува страсти и контроверзии. Неговата извонредна архитектура е поблиску до скулптурата. Избегнува прави линии, практикува растреперени волумени и револуционерен начин на градба. Тој за моќниот претседател на LVMH, Бернард Арно, создаде ремек-дело на технички подвиг без преседан. Доказ дека духот, креативноста, иновативноста на една личност не е поврзана со возраста.
Изборот Френк Гери да направи нов амблем на Париз, е извонреден чин.
Целосниот успех на овој проект би бил невозможен без соработката на тандемот Арно – Гери. Ангажманот и поддршката на инвеститорот, е голема. Тој успешно се справува со сите административни, правни и технички пречки. Даде реалност на облакот од стакло. Реалност на една скица исцртана на парче хартија. Денес, Фондацијата Витон е еден вид на сведоштво за тоа. Иднината ќе ги запамети имињата на дуото што ја одреди судбината на оваа „санта мраз“ заглавена во зеленилото на Булоњската шума. Настан одбележан од целиот свет. Настан кој ја возбуди културната јавност и имаше извонреден одзив во сите медиуми во светот кои многу детално информираа за сè.
Дизајн
Нова јавна монументална архитектура која не е направена до сега. Величествена зграда која плови кон музејот Гугенхајм и концертната сала Волт Дизни, како најимпресивни дела на архитектот што твори речиси шест децении.
„Бернард Арно беше шокиран кога го посети Гугенхајм во Билбао, во 2001 година. Ме покани во Париз да ја видам локацијата. Бев обземен од емоции. Го замислував Марсел Пруст и неговото шетање во зоолошката градина во деветнаесеттиот век. И не размислував за ништо друго освен за стакло, како Гран Пале (Grand Palais) во Париз“, вели архитектот Гери.
Зградата требало да биде различна од сè што е досега видено или направено. Со огромно лого на Луј Витон на предната фасада. На локацијата до зоолошката градина, детскиот парк од 19 век и романтично убавата Булоњска шума, требало да се создаде нешто што се вклопува во градината и во традицијата на користење стакло.
„Облаците од стакло одговараат на геометријата на природата, на англиски уредениот парк“, вели тој, игнорирајќи ја геометриската традиција на Француската градина. Стаклената структура има свое место во долгата традиција на Париз. Готската катедрала Сент Шапел (Sainte-Chapelle на Ile de la Cite), со високи ѕидови од обоено стакло датира од 13 век, а изложбената сала Гран Пале е од 19 век.
Френк Гери во Париз ja продолжи традицијата. Создаде нова покомплексна структура со стакло, наместо со титаниум, материјал кој го употреби за музејот во Билбао. Двокатната структура на објектот има 11 галерии со различни размери кои ги дочекуваат делата на модерната и современата уметност на повремени и постојани изложби, аудиториум од 400 места и тераса на кровот за настани и уметнички инсталации.
Главниот хол е во единствена зграда со површина на под од 4.500 м², со
11.700 м² слободна површина и висина од 50 м. Бочните фасади и покривот се од стаклени панели. Со дупла кривина на тие што се на кровот. 12 огромни стаклени воали, повеќе лавиринти, ескалатори кои водат до надворешните излези, галерии со убави прозорци, со маестрални пропорции.
Посетителите влегуваат во висока сала од која аголни скали и извртени, спирални, меандрирани патишта водат кон галериите и кон отворените тераси на кровот, оградени со стаклени едра. Објектот изгледа како брод со едра, како кит или како кристална палата во средина на експлозија. Помеѓу „iceberg“ и едрилицата, просториите се прошируваат наизменично, интимно во она што Гери го нарекува „хаотичен танц“. Брилијантен дизајн. Отворен кон небото.
Реализација на објектот
Изведбата на објектот е од страна на француската градежна компанија „Венси“ (Vinci) која е основана со фузија на две најстари градежни претпријатија од 19 век. Според приходот таа е најголема градежна компанија во светот. Во неа работат повеќе од 179.000 луѓе од целиот свет. „Венси“, заедно со нејзините партнери, е избрана да го води проектот и да ја изгради Фондацијата Луј Витон.
Проектот е класифициран како проект со ултрависока комплексност. Најсложен објект што досега го направиле. Комплексноста на проектот и на изведбата се илустрира преку неколку точки:
– Невиден технолошки предизвик;
– Макета претставена од архитектот, од дрво и хартија, која пркоси на правилата за градба, со големината на својата фантазија, смелоста на својата суперпозиција и комбинацијата на елементи и материјали;
– Френк Гери, без планови, само со скици и макети, и постојана координација помеѓу учесниците во проектот, додека се кристализирала дигиталната форма на моделот и 3Д моделирањето.
Изведувачите имале договор со архитектот, да се потпираат на макети и 3Д модели. Прв пат за овој дигитален проект, архитектите и инженерите соработуваат со секторот за аеронаутика, за информатичкото моделирање. Резултатот на овој технички подвиг е неверојатниот футуристички брод од дванаесет стаклени воали. На самото место повеќе од 1.000 работници, околу 200 инженери… експлозија од стакло, замрсеност од бетон и од завртки. На едрата е развиена стаклена површина од 13.500 м², со 3.600 стаклени панели на криви и контра криви стакла Сент Гобен (Saint-Gobain), произведени во посебни печки во Италија. Огромни столбови од ариш, бел бетон, нежен како кожата на млада девојка и компјутери за да се добијат совршени криви. Стаклото е материјал кој Гери го користи на извонреден начин, амбициозно и рафинирано. Гредите се од ариш (силно и тешко дрво од фамилијата на борови), произведени со користење на техника на лепење. За овој објект, кој е добитник на неколку инженерски награди доделени во Франција и САД, поднесени се барања за триесет патенти. „Цртежите беа возбудливи, но немавме технологија да се изгради таков објект. Мораше сето тоа да се измисли. Потрошени се 1,5 милиони часови за студии на покриената и затворената структура на објектот. Ваков иновативен проект не може да се води со конвенционална организација“, велат изведувачите.
– Структурата е неразбирлива за инженерско око. Во секој случај атипична и вон познати статички системи. Единствено преку анализа со „finite elements (FE)“ може приближно да се пријде, – вели Константин Барутчиски, градежен инженер кој целиот свој работен век го помина во Париз, каде што живее и денес, работејќи на проектирање на најсложени инженерски проекти низ светот.
„Сакавме да испроектираме објект кој се развива со времето и светлината, кој создава моментален впечаток, импресија и континуирана промена, како што постојано се менува и сликата на светот“, вели архитектот Френк Гери, потписник на една од најпознатите, најреволуционерни згради, футуристичката едрилица или „iceberg“ со 12 стаклени воали која стои како стаклен облак над Булоњската шума. Дело на неговиот живот.
Од инаугурацијата на Центарот Помпиду, во 1977 година, зградата на архитектите Ренцо Пиано (Renzo Piano) и Ричард Роџерс (Richard Rogers), која предизвика голема полемика во тоа време, Париз нема објект со толку спектакуларни архитектонски иновации. Во исто време со инаугурацијата на објектот на Фондацијата Луј Витон, во Центарот Помпиду е отворена ретроспективна изложба посветена на творештвото на архитектот Френк Гери.
Љупка ДУКОВСКА, дипл.инж.арх.