По 42 години, објектот на градинката „Сончоглед”, кој се наоѓа на улицата „Локов” во населбата Кисела Вода и е дел од ЈДГ „Весели Цветови“, ќе добие нов лик. Околу 900.000 денари е вкупната инвестиција за реконструкција на градинката, со која се опфаќа промена на ламинатот на површина од 800 квадратни метри, внатрешно молерисување на објектот, отстранување на старата ламперија и поставување на гипс-картон со глетување на ѕидовите.
Ова е прва фаза од целосната реконструкција на објектот, кој датира од 1975 година, а во која досега немало некој покрупен реконструктивен зафат. Втората фаза од реновирањето ќе се реализира до крајот на 2017 година и ќе опфати санација на тоалетите, а веќе во третата фаза која е предвидено да се реализира во 2018 година ќе се изврши реновирање на делот со јаслите, промена на прозорците и ламинатот.
Градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец Алексиќ денеска изврши увид во реконструктивните зафати за подобрување на условите за згрижување на околу 260 деца во оваа градинка.
„Вложувањето во објектите на детските градинки е еден од врвните приоритети во работата на општина Кисела Вода, во изминатиов 4-годишен период. Изградивме 3 нови градинки, во Припор, Пинтија и Црниче, токму на местата каде што досега на територијата на општина Кисела Вода воопшто и немало, се со цел да се излезе во пресрет на потребите на жителите за згрижување на децата од предучилишна возраст” – изјави Беличанец Алексиќ.